Зошто депонијата Дрисла добила еколошка дозвола, иако не ги исполнила барањата? Зошто се уште се чека на нова печка и дали меѓу жителите на околните села има зголем број заболени од рак? И зошто новите градски власти сакаат да распишат нов тендер за Дрисла, анализира Радио Слободна Европа.

Депонијата Дрисла со години согорувала медицински отпад со печка која не ги запазувала потребните еколошки стандарди. Нејзиното несовесно работење најмногу се одразило врз околното население кое се жали на бројни заболувања како резултат на загадувањето.
Но овие денови медицинскиот отпад стои складиран во контејнери. Печката престана со работа на 1 јануари, откако депонијата се најде во фокусот на јавноста по вонредниот инспекциски надзор. Мерењата на воздухот покажале надминување на просечните концентрации на јаглероден моноксид, сулфур двооксид и прашина. Државниот Инспекторат за животна средина ја казни депонијата со 8500 евра и решение за ограничување на работата од осум часа дневно и целосна забрана за работа кога загадувањето е алармантно.
Од депонијата Дрисла тврдат дека работат согласно сите законски прописи во Македонија, но признаваат дека печката не ги запазува европските стандарди.
„Казната се однесува за инсенераторот кој е стара технологија доделена како донација во 2001 година и која не е согласно европските директиви (но работи со дозвола од страна на Министерството за животна средина на РМ), и секако мора да се замени со нова технологија односно нов инсенератор, а кој е во фаза на набавка и се очекува во текот на јули 2018 да биде пуштен во употреба, затоа е изречена минимална казна од 8.500 евра, а инаку за неправилно работење казната е многу поголема и резултира со затворање на инсенераторот“.
Жителите го плаќаат данокот од Дрисла
Околните жители се спротивставуваат на тврдењата на Дрисла и данокот за нејзиното несовесното работење, велат дека го плаќаат тие. Доказ за тоа, според нив се се повеќето случаи на заболени лица.
„Да ви кажам многу лошо. Едни викаат имаат проблеми со дишење други со други заболувања. Имам информација дека последната година тука преку 20 луѓе имаат заболено од карцином и викаат дека сето тоа е одраз на депонија Дрисла. Во вечерните часови кога е магла нема шанси да излезеш надвор. Децата ги носиме настрана за да дишат свеж воздух. Моите деца не излегуваат по цел ден“, вели Фатимир Тофиловиќ, жител на село Батинци, кое се наоѓа во близина на Дрисла.
„Не сум само јас во Батинци во последно време имаме зголемен број на заболени од канцер, кој на бели дробови, кој на простата, на штитна жлезда“, посочува Џибо Туциќ.
Особено во летниот период кога депонијата не ја покриваат со одреден слој на земја се осеќа голема смрдеа и реа и воздухот е тежок за дишење. Не можеме да излеземе во бавча и на тераса и приморани сме да ги затвораме прозорците во текот на ноќта“, вели Изудин Бачевац.
Според нив, освен нивното здравје, негативно влијание се забележува и врз животната средина.
„Јас тука живеам веќе 20 години, а Маркова река до пред 10 години беше чиста. На крај на мај кога ќе ја испуштат отпадната вода рибите поради тоа што толку е загадена се фрлаат од вода на копно и умираат. Овошките на еднаш се сушат“, додава Туциќ.
„Не сме задоволни со филтрите кои ги ставија за отпадните води кои излегуваат од депонијата го уништуваат животинскиот свет во депонијата. Ако продолжат вака животинскиот свет за некое време целосно ќе изумре“, смета Бачевац.
И советникот во општината од владејачката СДСМ, Нусрет Пашалиќ вели дека се чувствуваат последиците од загадувањето. Според него, одговорноста пред се ја сноси концесионерот.
„Па нормално во ова село во последно време сите што умираат од канцерогени заболувања и имаат многу проблеми луѓето со дишни патишта и бели доробови“, вели тој.
Повеќе на Радио Слободна Европа на следниот линк.