(ВИДЕО) Манастирот во Курбиново пропаѓа

од Vladimir Zorba
82 прегледи

kurbinovo

Тапка во место реставрацијата и конзервацијата на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, изградена во 12 век, заради што постои опасност неповратно да се изгуби ова вредно културно наследство, реагираат жителите од ова преспанско село. Обновувањето на црквата се најавува како капитален проект на битолскиот Завод и музеј од 2014 година, но од семејството Ристевски, кое со генерации го одржува манастирот, велат дека работите се одвиваат бавно, надлежните ветуваат, експерти доаѓаат и заминуваат, а манстирот, од година во година се повеќе пропаѓа, пренесува Телма.

-Кои сме ние и со кое право во 21 век да се сретнуваме со вакви игри и манипулации, пред се заради важноста на овој споменик. Од тој аспект јас апелирам до сите инстутуции, научни, културни, историски да ги преземат сите дејства и влијанија, да се заштити овој манастир, бидејќи е оставен на забот на времето кое си го носи своето, вели Митко Ристевски, домаќин на манастирот Св. Ѓорѓи во Курбиново.

Од битолскиот Завод и музеј велат дека 2, 5 години работат на обемни истражувања и анализиа за оштетувањата на манастирот, со кои е утврдено дека фреските се нападнати од соли, а делови се ронат во прав. Фрескоживописот е насликан пред 8 века и е еден од најубавите и најоригинални, а тука се наоѓа и надалеку познатата фреска „Ангелот од Курбиново“.

 Има многу голема концентрација на соли кои што се најзастапени во најубавите делови на ѕидното сликарство, практично во апсидата каде што се насликани ангелите со кои ние толку многу се гордееме. Сите се загрозени, затоа што солите го уништуваат врзивото на пигментот и ако не се направи нешто, тие како прашина ќе се распаднат и не ќе остани ништо за 10 до 15 години, вели Ристо Палигора, историчар на уметност.

Се жалат дека сложените бирократски процедури неочекувано ги пролонгираат работите.

– Ќе споменам неколку примери со какви бизарни проблеми се среќаваме. Има едно стебло на 7-8 метра од црквата, кое доколку се сруши ќе направи ограмна штета и во голем процент ќе ја уништи на црквата. Пративме барање да ни дозволат да го сечеме стеблото, ниту од Преспанско-Пелагониската епархија, ниту „Македонски шуми“, ниту Националниот парк, никој не си ја презема ингеренцијата да даде дозвола да го сечеме стеблото. Ние не можеме тоа да го направиме без таква дозвола. Тоа трае една година, со што една година тие активности се блокирани, додада Палигора.

Од Завод и музеј-Битола, не можат да прецизираат кога ќе започне реставрацијата на црквата во Курбиново, токму заради ситуации кои ги пролонгираат роковите. Велат дека врз основа на досега истраженото и добиените податоци ќе се изработи проектна документација, а на почетокот на градежната сезона се надеваат дека ќе започнат активностите на терен.