МВР му бара на Саше Политико 300 евра казна за инцидентот во кој Александар Спасовски-Сарма го натепа
Синоќа во полициска станица во Кисела вода инспектор го повикал Саше Ивановски Политико и му кажал дека МВР одлучиле да го казнат со 300 евра за предизвикување тепачка.
– Замислете, ем бев натепан, се виде од снимката, и сега да платам уште и казна. Инспекторот ми рече дека новинарот на Сител однел петмина сведоци од инцидентот пред резиденцијата на амбасадорот Орав – рече Саше Политико за Либертас.
Како што му кажал инспекторот, тие тврделе дека за да го натепа, новинарот Сарма бил претходно провоциран и пцуен од Саше и затоа физички настрадал на него.
– Се е тоа ноторна лага. Ако сака полицијата ќе земе снимки од безбедносните камери на резиденцијата, и ќе се види дека единствено што изустив беше „здраво Сител“, во јавувањето во живо на вестите на Сител. Дојдоа тројца колеги новинари уште утредента во полициска станица и дадоа изјава дека Сарма без причина ме натепа. Ако е за утеха, како што го разбрав инспекторот, иста парична казна ќе добиел и Сарма. Јас и мојот адвокат ќе поднесеме тужба против новинарот на Сител и ќе барам отштета за претрпен стрес и болка, вели Политико.
.