Над 50 лица, меѓу кои и многу жени и деца, загинаа како резултат на воздушни напади, нанесени од неидентификувани авиони по контролирани од бунтовниците области во северна Сирија, пренесе ДПА, повикувајќи се на Сирискиот центар за набљудување на човековите права.
Според последните податоци на организацијата меѓу убиените се десетици цивили во Идлиб во северозападна Сирија и во Алепо и околните села.
https://youtu.be/OZrVH4MbQDI
Воздушните напади доаѓаат еден ден пред воспоставувањето на договореното примирје од Русија и САД, што беше прифатено од режимот во Дамаск и треба да стапи на сила во понеделник.
Во петокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и државниот секретар на САД Џон Кери се согласија во Женева за пакет од пет документи, со цел да го утврдат режимот на прекин на воените дејствија во Сирија и да се постават темелите за обновување на политичкиот процес.
Се очекува примирјето да се совпаѓа со почетокот на муслиманскиот празник Аид ал Адха (Курбан бајрам).
Целта е брзо да се ограничи насилството и да даде шанса на продолжувањето на преговорите за политичка транзиција во земјата.
Сириската слободна армија (ССА) објави дека се согласува со примирјето.

Ова го соопшти на телевизискиот канал “Ал Џезира” претставникот на ССА Закарија Мулахафџи, цитиран од агенциите. ССА е сметана за умерено крило на вооружената Антивладина опозиција во Сирија.
“Ние ги прифаќаме условите договорени меѓу САД и Русија, поаѓајќи од тоа дека прекинот на огнот ќе им овозможи да се достави хуманитарна помош во опколените области на Алепо”, рече Закарија Мулахафџи.
“Што се однесува до политичкиот дел на руско-американската договор, опозицијата продолжува да го проучува. Но се што е поврзано со заштитата на мирните граѓани, прекинот на огнот и со пристапот до хуманитарна помош, ние го прифаќаме без никакви резерви”, посочи претставникот на ССА.
Либанското шиитско движење кое испрати свои борци да учествуваат во граѓанската војна во Сирија и да се борат на страната на силите на режимот, најави дека го поддржува договорот меѓу Вашингтон и Москва за прекин на огнот, пренесоа американските медиуми.
Медиумското крило на Хезболах соопшти дека сојузниците на Сирија ќе се придржуваат кон сè што ќе одлучи сириската влада. Според медиумот договорот за прекин на огнот е можност која секој треба да ја искористи во интерес на сирискиот народ.
Хезболах сепак вети дека ќе продолжи да се бори против Исламската држава и поврзани со Ал Каеда групи и вети дека ќе одбива евентуални напади против нејзини членови извршени за време на примирјето.
Борбите треба да бидат прекинати во понеделникот во 19 часот по локално време за првото примирје од 48 часа.