Претседателот на Русија, Владимир Путин, во текот на ноќта пристигна во Астана, главниот град на Казахстан, каде што ќе учествува на три самити – на шестиот Самит за соработка и градење доверба во Азија, на Советот на шефови на држави на ЗНД и на самитот „Русија-Централна Азија“.
Покрај тоа, планирани се и серија билатерални средби, меѓу кои од особено значење е средбата со турскиот лидер Реџеп Тајип Ердоган, на која би можело да се постави тема за посредување на Анкара за решавање на конфликтот во Украина.
Путин ќе има трилатерална средба и со лидерите на Киргистан и Таџикистан, а клучно прашање ќе биде решавање на проблемот на границата меѓу тие две земји по дипломатски пат.