(ВИДЕО) САД и ЕУ заеднички: Подржуваме  судење на пучистите, но нема во ЕУ со смртна казна

од desk3
138 прегледи

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска на прес-конференција во Брисел по состанокот со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, ја повика турската Влада да ги зачува мирот и стабилноста и да ги почитува демократските институции.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, коментирајќи го неуспешниот обид за државен удар што во петокот се случи во Турција, Кери побара владеењето на правото да преовлада во оваа држава, притоа потврдувајќи дека сојузот на САД и ЕУ останува силен и нераскинлив.

– Ја повикуваме Владата на Турција да го задржи мирот и стабилноста во земјата и да ги почитува демократските институции и владеењето на правото. Ние сме на страната на демократски избраната Влада во Турција и ќе го поддржиме со сигурност изведувањето на виновниците за пучот пред лицето на правдата, но предупредуваме дека работите не смеат да отидат надвор од таа рамка, истакна Кери.

НАд 100 учесници во бунтот се ликвидирани а преку 6000 уапсени по воениот удар во Турција

Од друга страна, Федерика Могерини, пак, порача дека никој не може да влезе во ЕУ со смртна казна во својот казнен систем, што следува по најавите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган дека се размислува за повторно воведување на оваа највисока казна по настаните во петокот.

Сепак, тоа е против европското законодавство до кое Турција, како земја кандидат за членство во Унијата, треба да се придржува.

– Турција е важен член на Советот на Европа и ја обврзува Европската повелба за човекови права која е против смртна казна. Никој не може да влезе во Еворпската унија ако воведе смртна казна во својот казнен систем, предупреди Могерини.

Пред почетокот на денешниот Совет за надворешни работи на Европската унија, каде главна точка на разговор на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ се случувањата во Турција и терористичкот напад во Ница минатата недела, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, изрази загриженост што ден по обидот за пуч во Турција во јавноста излегоа списоци со имиња на судии и обвинители што наводно се вмешани во истиот и кои поради тоа ќе останат без работа.

– Изгледа како нешто да било подготвувано претходно. Списоците постоеле, што значи дека биле подготвени за во еден момент да бидат искористени. Многу сум загрижен поради тоа, порача Хан./МИА

Слични содржини