ВИДЕО: Шестгодишно момче извлечено од урнатините по земјотресот во Индонезија

од Stefanija Kuzmanovska
151 прегледи

Шестгодишно момче е извлечено живо откако поминало повеќе од два дена под урнатините, давајќи им надеж на оние што чекаат вести за најблиските по силниот земјотрес што ја погоди населената област во провинцијата Западна Јава во Индонезија, јавува Си-Ен-Ен.

Индонезиската Национална агенција за управување со катастрофи (BNPB) соопшти дека спасувачите го извлекле Азка Маулан Малик (6) во селото Награк. На видеото се гледа моментот кога тој бил пронајден од спасувачката екипа.

Момчето било откриено покрај телото на неговата баба, наведува агенцијата. Азка сега е во болница, објавија локалните медиуми. Спасувачите претходно ги извадиле телата на неговите родители, додава агенцијата.

Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала го погоди регионот Чианџур во Западна Јава во понеделникот околу 13:21 часот по локално време, на длабочина од 10 километри (6,2 милји), објави Геолошкиот институт на Соединетите Американски Држави (USGS), што предизвика уривање на згради додека траеше училишната настава.

Бројот на загинати во земјотресот се искачи на 271, изјави шефот на BNPB, генерал-мајор Сухарианто на прес-конференција во средата. Повеќе од една третина од потврдените загинати се деца, додаде тој.

Околу 2.043 лица се повредени, а 61.800 се раселени, рече тој, додека 40 лица се уште се водат како исчезнати.

Слични содржини