
– Словенечката полиција изутринава во Пиранскиот Залив предупреди два хрватски рибарски брода дека се наоѓаат во недозволени води, односно во делот од морето кое со арбитражна одлука припадна на Словенија.
Двата брода биле придружувани од хрватската полиција, кога дошол словенички полициски глисер, кој им скренал внимание дека се наоѓаат во словенечките територијални води. Потоа, словенечката полиција се вратила во матичното пристаниште Пиран, а хрватските рибари во Савудриска вала.
Хрватската полиција патролира во хрватските територијални води, а поради силната бура во моментов рибари не излегуваат на отворено море, па не се очејуваат инциденти.
Словенечките власти најавија дека од сабота ќе почнат со еднострано симплементирање на арбитражната одлука за границата со Хрватска, по шестмесечниот рок за нејзина подготовка.
Словенечкиот медиуми денеска наведуваат дека официјална Љубљана со имплементација на пресудата ќе почне во водите на Пиранскиот залив. бидејќи смета дека таму ситуацијата е „најјасна“ и оти арбитрите прецизно утврдиле колку море припаѓа на Хрватска, а колку на Словенија.
Словенечкиот премиер Миро Церар изјави дека во заливот не очекува инциденти и оти Словенија нема да ги поттикнува ако Хрватска ја почитува морската граница утврдена според арбитражата.
Повикувајќи се на правници од владините кругови, словенечко „Дело“ денеска наведува дека Словенија треба да опстои на тоа дека арбитражното решение треба да се имплементира и дека Хрватска тоа ќе мора да го прифати кога и да е. Сепак тие додаваат дека не е изгледно дека Загреб наскоро би можел да ја прифати пресудата, поради „сегашната политичка структура“ во Хрватска.
Словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец неодамна соопшти дека после сабота, Словенија ќе ја смета Хрватска за прекршувач на меѓународното и европското право, ако не се согласи на имплементација на арбитражата и дека поради тоа би можела да ја тужи пред судот на Европската Унија.
Поранешниот словенечки претседател Данило Туск изјави за денешно „Дело“ дека до тужба против Хрватска требало да дојде и порано, односно „без одложување“.
Според најавите во словенечките меидуми, потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс би можел да ги понуди своите услуги на обете држави во спорот, веднаш на почетокот на 2018 година и дополни дека е во постојан контакт со двајцата премиери.
Постојаниот арбитражен суд во Хаг, во јуни годинава, донесе пресуда со која на Словенија и припадна поголемиот дел од Пиранскиот Залив. Хрватска ја отфрли пресудата од претходно. Загреб и Љубљана, уште од 2009 година, под притисок на Брисел, се обидуваа да го решат територијалниот суд, по што побараа меѓународна арбитража. Но, Хрватска се откажа од оваа арбитража во 2015 година и тоа по објавувањето на снимките од разговорот на словенечкиот член на Арбитражниот суд во Хаг, Јернеј Соколац и словенечката застапничка пред судот, Симона Дреник. Одлуката е веќе донесена, беше заклучокот тогаш според снимките, а за доставување тајни информации на Словенците, беа осомничени претседателот на судот, Жилбер Гијоме и германскиот член на судот, Бруно Зим.
Хрватска се повика на членот 60 од Виенската конвенција, која дозволува раскинување на спогодба во случај на нејзина „тешка повреда“, па без оглед на заминувањето на словенечкиот судија и словенечката застапничка, тогашниот премиер Зоран Милановиќ објави дека Хрватска ја напушта борбата, заработувајќи малку углед кај граѓаните. Сепак, Арбитражниот суд се прогласи надлежен за овој спор, а самата постапка продолжи, на противење на Загреб.
Со Арбитражата, само една четвртина од Пиранскиот Залив и припадна на Хрватска, но затоа го доби левото крајбрежје на Драгоња, како и Света Гора и областите на левото страна од реката Мура.
Од арбитражната пресуда ниту Словенија не беше најзадоволна. Имено, Судот на Словенија не и одреди територијален излез на отворено море, иако тоа беше клучното барање поради кое Љубљана на крајот на минатиот век и тргна во блокада на Хрватска, која беше завршена со договорот за арбитража.
Словенечката врска со отворено море, широка 2,5 и долга 12 наутички милји, на Словенија и обезбедува слободен режим на комуникација, што вклучува слободна пловидба и прелети. Но тоа подрачје останува хрватско територијално море, само што хрватскиот суверентитетот на тој дел од морето е ограничен. Хрватска и натаму е задолжена да одговори на повиците за помош во тоа подрачје, а словенечката страна нема да смее да рибари ниту пак стопански да ги експлоатира подморските ресурси-Хрватска сето тоа може и смее да го прави.