Украински напад со дронови предизвика пожар во руска рафинерија

Гувернерот на Рјазан, Павел Малков, го потврди инцидентот на својот канал на „Телеграм“, уверувајќи го локалното население дека службите за итни случаи се на местото на нападот.

од Бети Божиноска

Украински беспилотни летала утринава ja погодиле најголемата рафинерија за нафта на „Роснефт“ во рускиот регион Рјазан, при што две лица се повредени, а во објектот е предизвикан и пожар, пренесува „РИА Новости“ цитирајќи изјави од официјални лица.

Четири дрона со фиксни крила ја погодиле рафинеријата за нафта која се наоѓа на околу 200 км од Москва, рано утринава, потврди извор од руското Министерство за вонредни состојби. Две лица се примени во локалната болница по нападот.

Погодената постројка преработува околу 12,7 милиони тони нафта годишно, или 4,6 отсто од вкупната преравотена нафта во земјата, покажуваат извори од индустријата. Според изворите, тоа е околу 6,4% отсто од производството на бензин во Русија, 4,1 отсто од дизелот, 7,7 отсто од мазутот и 8,0 отсто од авионското гориво. Целосните бројки за руското производство веќе не се објавуваат.

Гувернерот на Рјазан, Павел Малков, го потврди инцидентот на својот канал на „Телеграм“, уверувајќи го локалното население дека службите за итни случаи се на местото на нападот.

Информативниот портал SHOT објави неколку видео-клипа снимени од очевидци од кои на едната е прикажан моментот кога дрон удрил во објектот, а другите снимки покажуваат црн чад што се издига од местото по нападот.

Од утринава, напади на украински беспилотни летала се пријавени и во регионот Воронеж, каде што гувернерот Александар Гусев на својот канал на „Телеграм“ објави дека силите за ПВО собориле повеќе од 30 летала и дека на терен нема жртви.  Упадот не резултираше со жртви на теренот, рече официјалниот претставник.

Александар Богомаз, гувернерот на регионот Брјанск кој граничи со Украина, процени дека на територијата ма регионот биле пресретнати осум дронови, а нападнати биле и соседните региони Курск и Белгород, предизвикувајќи штета на теренот, но без жртви.

Слични содржини