(видео) Вооружен напад во Москва: Пукање и пожар во концертна сала, има повредени

„Луѓе во маскирни униформи, од кои најмалку тројца влегле во салата и отвориле оган од автоматско оружје. Има и ранети“, изјави репортерот на Спутник.

од Бети Божиноска

Непознат број на луѓе се повредени попладнево во Москва откако најмалку три лица во маскирна униформа отвориле оган во концертната сала „Крокус сити хол“, пренесува „Спутник“.

Според РТ, пак, убиени се најмалку 10, а ранети се најмалку 50 луѓе.

„Луѓе во маскирни униформи, од кои најмалку тројца влегле во салата и отвориле оган од автоматско оружје. Има и ранети“, изјави репортерот на Спутник.

Според него, после тоа фрлиле граната или запалива бомба, поради што избувнал пожар кој го зафатил целиот покрив, но пожарникарите не можат да интервенираат поради терористите внатре. Полицијата е на терен.

„Луѓето во салата легнаа на подот за да се спасат од пукањето, така лежеа 20 минути, а потоа со ползење почнаа да излегуваат. Многумина успеаја да излезат“, вели новинарот.

Од концертната сала преку подрумот биле изнесени околу сто лица, соопштија претставниците на Министерството за вонредни состојби, а во меѓувреме продолжува спасувањето на луѓето од покривот на зградата со помош на кранови.

На лице место е формиран оперативен штаб, а се утврдува бројот на ранетите. Музичарите од групата „Пикник“ кои го одржуваа концертот не се повредени.

Државниот информативен сервис ТАСС известува дека речиси една третина од огромниот комплекс е зафатен од пламен. Агенцијата додаде дека војниците на специјалните сили од Руската гарда пристигнале на локацијата. Во меѓувреме, има непотврдени тврдења дека се испратени хеликоптери за гаснење на пожарот.

Гувернерот на Московскиот регион, Андреј Воробјов, излезе на местото на настанот. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, нареди на сите повредени да им се пружи сета потребна помош.

„Во Крокус се случи голема трагедија“, рече тој.

На местото на настанот се испратени повеќе од 50 екипи за итна помош. Во делот од градот каде се пукаше се формираат колони, а полицијата советува да се изберат други рути. Најблиската метро станица работи нормално.

Американската амбасада во Москва на својата веб-страница објави предупредување до американските граѓани да избегнуваат јавни собири, вклучително и концерти и слично, во следните 48 часа поради опасност од можни терористички напади.

„САД се во тек со информациите за пукањето, сметаме дека снимката од местото на настанот е страотна,“ велат од Белата куќа.

 

Слични содржини