(ВИДЕО)Пекол на рајскиот остров: Пожар срамни град со земја, луѓе се фрлале во океанот за да се спасат

од Nikola Popovski

Началникот на округот Мауи на Хаваи, Ричард Бисен денеска потврди дека шумскиот пожар досега однел шест животи. Пожарот уништи голем дел од Лахаина, туристички и деловен центар каде живеат околу 13.000 луѓе, а стотици семејства се раселени.

Официјалните служби сè уште вршат операции за пребарување и спасување, вели Бисен, предупредувајќи дека бројот на жртви може да се зголеми, пренесува Би-Би-Си.

Според неговите зборови, досега се извршени 13 евакуации од три области кои биле на патот на огнената стихија на овој остров. Затворени се 16 патишта, отворени се пет засолништа за евакуирани, а најмалку 2.628 домаќинства останале без струја.

Во округот Мауи, 12 лица се спасени откако скокнале во океанот за да избегаат од чадот и пожарот, пренесува АП. Крајбрежната стража ги транспортирала во безбедно подрачје, соопштија локалните власти.

Противпожарните екипи се борат со повеќе пожари концентрирани во две области: популарната туристичка дестинација Западен Мауи и планинскиот регион во внатрешноста.

Хаваите претходно беа зафатени од голем пожар во 2021 година, како резултат на кој изгореа голем број куќи, а илјадници луѓе беа евакуирани.

 

Слични содржини