(ВИДЕО)„Се подготвуваме за тешка ситуација“: Спасувачите трагаат по преживеани и жртви од уривањето на зграда во Франција

од Nikola Popovski
177 прегледи

Најмалку шест лица се повредени при уривање на четирикатна станбена зграда во Марсеј, соопштија тамошните власти.

Француските спасувачки служби трагаат по жртви и се обидуваат да изгаснат пожар откако експлозија предизвика уривање на станбена зграда, објави Ројтерс. Причината за експлозијата се уште не е позната.

Уривањето предизвика пожар што ги комплицираше спасувачките напори, изјавил градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан. Две други соседни згради делумно се урнале.

„Треба да се подготвиме за тешка ситуација, денес би можеле да имаме жртви“, рекол Пајан, додавајќи дека пет од шестмината повредени се во релативно тешка состојба во болница.

Пожарникарите се уште го гаснат пожарот, а 80 лица се евакуирани, соопштиле тамошните спасувачки служби.

„Пожарот ја отежнува потрагата“, изјавил командантот Лоран од спасувачката служба во Марсеј за ТВ БФМ.

Локалните власти соопштија дека се уште не се знае колку луѓе живееле во зградата. На местото на несреќата се очекува пристигнување и на министерот за внатрешни работи Жерал Дарманен.

Фото: Profimedia

Слични содржини