Митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар во своето велигденско послание жестоко го нападна феминизмот и порача дека родовата еднаквост е изопачена.
Според него, пред појавата на феминизмот, жените биле домаќинки, а сега се еманципирани, но се се почесто разведени.
„На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена, Господ ги создаде машко и женско и се друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо“, рече митрополитот.
Петар истакна меѓу другото дека често се случува феминистичките здруженија барајќи права да го вперат прстот во Црквата.
„Во минатите векови, до феминизмост и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка, домаќинка, а денес таа е високоеманципирана со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка. Кога некој бара повеќе или поголеми права, треба да е свесен, подготвен и способен да извршува повеќе должности“ порача владиката Петар.
Митрополитот додаде дека барањето права без должности е нихилизам, а дека тоа, како што вели, го расипува и изопачува светот кој, пак, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков, потенцира митрополитот Петар, е современиот свет во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен.