Од свлечишта при силното невреме што вчера попладне го зафати тетовскиот регион има загинати и повредени. Според засега непотврдени информации има 5 жртви во неверемето , повеќе повредени и голема материјална штета во Тетово и околните села .
![]()
Според СВР Тетово, во двор од куќа во Голема Речица поплавата донела безживотно тело на дете од околу 10 години.
Од тетовската болница информираа дека кај нив е донесено безживотно тело на 13 годишно девојче, најверојатно од Шипковица.
Според непотврдени информации на жители од планинското село Шипковица, невремето усмртило две деца, а загинал и еден маж од околу осумдесет години додека се враќал од селската џамија.
Од Центарот за управување со кризи потврдуваат за три жртви во Шипковица. Патот до селото е отежнат поради огромни наноси на свлечено земјиште претворено во кал , како и дрвја.
Невремето кое доцна попладнето зафати повеќе делови од Македонија, најголема штета направи во Тетово. По 15 минути обилен дожд доцна попладнево Реката Пена се излеа од своето корито, по што се поплавија голем број на куќи и улиците низ градот. Тетовчани на социјалните мрежи алармираа дека луѓето кои живеат во ромската населба покрај реката Пена се целосно поплавени и се надвор од нивните домови.
Дирекцијата за заштита и спасување со вработените од подрачното одделение во Тетово е излезена на терен и ја следи ситуацијата. Ангажирани се градежни машини кои помагаат во расчистување на теренот од надојдената вода.
Според нивниот извештај состојбата се стабилизира, а реката Пена почнува да се повлекува.
Се апелира до граѓаните на зафатениот регион да го намалат движењето, особено со моторни возила освен ако тоа не е неопходно, за да се овозможи несметано движење на механизацијата која работи на терен.
Невремето предизвика и прекин на сообраќајот кон Попова Шапка и патот Тетово Јажинце, додека во Доброште надојдените води го урнале бетонскиот мост. Дождот и ветрот предизвикаа штети и во градот при што беа поплавени улици и куќи, имаше оштетено и покриви, а од паднатите дрвја и гранки и оштетени автомобили.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, синоќа ги посети повредените во тетовската болница , каде се се собраа повеќе граѓани кои очекуваа вести за нивните блиски.
Премиерот Никола Груевски ја посети Голема Речица каде што штетите се најголеми. Невремето предизвика штети и во други делови на Македонија. За денеска е закажана седница на владата на која ќе се разгледаат натамошните активности за помош на погоденото население.