По 4 месеци пандемија се уште не се почитуваат здравствените мерки и протоколи.
„Маски, дистанца, дезинфекција, протоколи.Ова се препораки задолжителни за сите и познато им е на сите. За групирање и непочитуивање на мерките кај хендикепиран дел од народот кој не доведуваат сите во опасност нејсоддветна мерка е карантин. Од дискотека, свадба и сл. сосе газдата право во карантин на сметка на тие што непочитуваат ништо во оваа држава.Граѓаните кој почитуваат мерки мирно да си живеат а не да бидат жртви на багра хендикепирана“…. “Само салите за спортистите, кај што би тренирала група од 10-15 луѓе, не ги отварајте. Важно е ноќните клубови да бидат отворени“.. “Итно треба да ги затвори, плус да ги казни’., се дел од коментарите на социјалните мережи откако вчера беа објавени фотографии и снимки од забави и свадби.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера побара од надлежните институции – МВР и инспекторатите да спроведат истраги и да ги санкционираат забавите во повеќе градови за кои се објавени фотографии на социјалните мрежи, а кои се во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.
– Гледам фотографии на социјалните медиуми од журки и забави во повеќе градови без да се почитуваат протоколите и мерките за заштита од Ковид-19. Барам итно надлежните институции – МВР и надлежните инспекторати да спроведат истраги и да ги санкционираат овие собирања на недозволен начин! Младите мора во целост да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус, да се заштитат себе си и своите најблиски, рече вчера Филипче.
Тој посочи дека ние сме една од ретките земји која целиот овој изминат период има протоколи за функционирање на компании, бизниси, угостителски објекти, хотели, плажи, базени.
– Тие протоколи се темелат на јасни епидемиолошки принципи. Задолжителното носење маски, одржувањето на физичката дистанца е единствениот начин со којшто ние ќе излеземе од оваа здравствена криза. Доколку се придржуваме до превентивните мерки бројот на заболени ќе се намалува, рече Филипче.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски вчера изјави дека по петочната контрола на Клубот „Аватар“ во Струмица, денеска ќе биде поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.
Инаку, освен во Струмица инспекторите чешлале и други објекти во неколку други градови во државата.
Во текот на претходното деноноќие по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 296 прекршоци, соопшти Министерството за внатрешни работи.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со ковид-19.
Од новорегистрираните 127 случаи на Ковид-19 во Скопје се 57, Куманово-4, Штип-13, Тетово-6, Струга-10, Охрид-7, Кавадарци-1, Гостивар-8, Пробиштип-2, Демир Хисар-1, Кратово-2, Свети Николе-12, Кичево-4.
Институтот за јавно здравје регистрира и 83 оздравени лица и тоа од Скопје-35, Штип-8, Тетово-33, Велес-1, Гостивар-5, Пехчево-1.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9153, бројката на оздравени пациенти е 4810, на починати е 422, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3921.