Викендот изречени 54 казни за паркирање во зеленило на Водно

од Берта Китинска
240 прегледи

За да се заштити планината Водно од загадување и за да се овозможи непречено и безбедно движење на сите учесници во сообраќајот, а особено на пешаците и на велосипедистите, градските комунални редари и овој викенд вршеа засилени контроли за паркирање во зеленило и изрекоа вкупно 54 казни за паркирање во зеленило, од кои осум во саботата и 46 во неделата.

Бесплатниот автобуски превоз викендов го искористиле над 4.000 патници на трите бесплатни автобуски линии кои прават 29-тури дневно кон Средно Водно. Паркингот на Водно викендов го искористиле 332 возила според бројот на испратени СМС пораки.

– Благодарение на овие засилени контроли на градските комунални редари викендов беше избегнат метежот од возила, бесплатните автобуси беа полни, а посетителите имаа оптимални услови за рекреација, стои во денешното соопштение од Град Скопје.

Како дел од континуираните заложби да се овозможи безбедно рекреирање на пешаците и на велосипедистите во деновите кога е најпосетено и спречување метеж од возила за време на викендите, се посочува во соопштението, Град Скопје воведе бесплатен автобуски превоз за време на викендите и празниците, а на паркиралиштата на Средно Водно е воведено зонско паркирање.
На паркиралиштата е поставена соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, како и информативни табли. Паркирањето е бесплатно за хендикепираните лица, како и за туристичките автобуси.

Градот Скопје апелира до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

Слични содржини