Викендов ќе се одржи традиционалната Галичка свадба – ова се годинешните зет и невеста

од Nikola Popovski
64 прегледи

Галичка свадба ќе се одржи претстојниот викенд по 61. пат, од 12 до 14 јули. Годинашната невеста е Стефана Димитрова, а зетот е Даријан Кочоски. Како што беше соопштено на денешната прес-конференција, младенците ќе се венчаат в недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.

Галичко потекло има невестата Стефана, која на прес-конференција денеска истакнала дека е преплавена од емоции, чувствува среќа и возбуда и е почестена што со Даријан годинава ќе бидат младенци на Галичката свадба.

Нејзиниот сопруг Даријан Кочоски рекол дека со задоволство прифатил да биде зет на годинашната манифестација која секоја година ја посетуваат многу домашни гости, но и странски туристи. Се заблагодари на организаторот, Месната заедница Галичник, што ги избрала токму нив да бидат младенци на „Галичката свадба 2024“.

Претседателот на МЗ Галичник, Александар Костиќ, на прес-конференцијата изразил задоволство што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од „Галичката свадба“.

Свадбите во ова село традиционално се одржувале на Петровден (12 јули). Поради желбата на галичаните да ги зачуваат од заборав овие карактеристични обичаи, почнувајќи од 1963 година, секоја година на Петровден се одржува манифестација во селото Галичник, во која со оригиналните свадбарски обичаи и ритуали се венчаваат невестата и младоженецот. Секоја година се бира еден пар, кој достоинствено и гордо станува дел од оваа прочуена свадба.

Свадбарските обичаи ќе почнат в сабота, 13 јули, со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вечерта в сабота е и пречекот на тапаните, свекрвиното оро, а членови на ансамблот „Танец“ ќе го одиграат „Тешкото“ – препознатливото оро за печалбарскиот Галичник.

Обичаите (канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето…) и обредните песни и ора ќе продолжат в недела, на денот на венчавката на младенците во црквата во Галичник, а свеченоста ќе заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Од свадбените традиции што се одржуваат за време на целокупната свадбена свеченост во селото Галичник најмногубројни и најзначајни се оние во куќата на момчето, бидејќи во неа ќе живеат младоженците. Поради тоа и тие се најкарактеристични од овој семеен церемонијал поврзани со многу обреди и симболи, особено со култот на врховното божество, култот на предците, како и со церемонијалот иницијација. Тие имаат цел да му обезбедат среќа и благосостојба на новооснованото семејство.

Слични содржини