Вилдерс подготвен да се откаже од премиерската функција

од Vladimir Zorba
275 прегледи

Холандскиот политичар Герт Вилдерс во средата изјави дека е подготвен да се откаже од премиерската функција за да го олесни формирањето на нова десничарска влада, речиси четири месеци по изборите на кои неговата партија освои најмногу гласови.

Вилдерс преговара со потенцијалните сојузници од изборите на 22 ноември, повеќе од 100 дена, но разговорите не вродија со плод.

„Можам да станам премиер само ако ме поддржат СИТЕ партии во коалицијата. Тоа не беше случај“, објави Вилдерс на социјалната платформа X.

„Навистина сакам десничарска влада. Помалку баратели на азил и имиграција (… ) Љубовта кон мојата земја и гласачите е голема и поважна од мојата сопствена позиција“, додаде тој.

Повикувајќи се на политички извори во Хаг, холандската национална телевизија НОС објави дека Партијата на слободата на Вилдерс и три други конзервативни партии кои се обидуваат да формираат десничарска коалиција размислуваат за сценарио во кое партиските лидери ќе останат во парламентот и нема да влезат во владата.

Во тоа сценарио, познато како „вонпарламентарен“ кабинет, политичари и експерти кои не се блиски до ниту една партија ќе бидат назначени на највисоки владини функции и тесно ќе соработуваат со парламентот.

Вилдерс на 14 февруари рече дека е подготвен да ги разгледа „сите опции“ за формирање влада, вклучително и малцинска или „вонпарламентарна“ влада, наместо да распише нови избори.

Слични содржини