Новата омикрон-варијанта BA.2.75 е откриена во Индија, Велика Британија, САД, Австралија, Германија и Канада, при што виролозите изразија загриженост за појавата.
Предупредувањето дојде откако британските пратеници повикаа на двојно повеќе напори за да се убедат речиси 3 милиони возрасни лица во Англија, кои сè уште не примиле ниту една доза од вакцината против Ковид-19, да се вакцинираат.
Варијантата BA.2.75, наречена „Кентаур“, за прв пат беше откриена во Индија на почетокот на мај. Случаите во Велика Британија оттогаш се зголемија нагло и очигледно побрзо од оние на високо преносливата варијанта BA.5, која исто така е присутна во Индија, и брзо ја менува претходно доминантната варијанта BA.2 во многу земји.
BA.2.75 е откриен и во околу 10 други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Австралија, Германија и Канада, пишува Гардијан.
Нова варијанта на омикрон под надзор на СЗО
Европскиот центар за превенција и контрола на болести го означи новиот вид како „варијанта под надзор“ на 7 јули, што значи дека има некои индикации дека може да се пренесе побрзо или да биде поврзан со потешки форми на болеста, пишува Гардијан.
Покрај очигледниот брз пораст на бројот на заразени, виролозите се загрижени за бројот на дополнителни мутации што БA.2.75 ги содржи во споредба со претходниот вид БA.2 од кој најверојатно еволуирал.
„Ова може да значи дека тој имал можност да развие предност во однос на веќе успешната варијанта на вирусот“, изјави д-р Стивен Грифин, виролог од Универзитетот во Лидс.
„Не се работи толку за точните мутации, туку за бројот/комбинацијата. Тешко е да се предвиди ефектот од толку многу мутации што се појавуваат заедно – тоа му дава на вирусот мало својство на „вајлдкард“, каде збирот на делови може да биде полош од деловите поединечно. Дефинитивно е потенцијален кандидат за она што доаѓа по БА.5. Ако тоа не успее, веројатно ќе го имаме следното, односно варијанта на варијантата“, рече д-р Том Пикок, виролог од Империал колеџот во Лондон, кој првпат го идентификуваше омикрон како потенцијална загриженост уште во ноември 2021 година.