Вчера беа регистрирани 1100 нови случаи на ковид-19, а починаа 30 лица. Со процесот на вакцинација практично ќе започне последната фаза од оваа пандемија, напиша на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.
Вакцина против Ковид
Правилото за примање вакцина како за сите други вакцини така и за ковид вакцината – се прима во општа добра здравствена состојба, рече денеска д-р Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.
Пациенти кои прележале ковид, додава, во зависност од состојбата во која што се наоѓаат и временскиот период секако дека ќе можат, доколку сакаат, да ја примат ковид вакцината, но имајќи предвид дека ќе имаме приоритетна листа ќе треба на некаков начин да се приоретизираат токму тие категории.
Приоритет ќе имаат здравствените работници директно изложени во работа во ковид центрите, микробиолошките лаборатории, оние кои ги тестираат и потоа хронично болните. Од хронично болните ќе се прави приоретизација во зависност од нивната здравствена состојба, најчесто кардиоваскуларните, респираторните и малигните заболувања, а еден од параметрите ќе биде и возраста кај пациентите, односно приоритет ќе се даде на повозрасната група пациенти. Во моментов децата со оваа категорија на вакцини не се опфатени.
Нема потврда дека лекот фавипиравир
Воопшто нема потврда дека лекот фавипиравир има ефекти во лекувањето на пациенти заболени од Ковид, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Додаде дека тој лек се користи за инфлуенца, за грип и оти додека не бидат завршени студиите не може да бидат сигурни дека помага и кај пациенти заболени со Ковид.
– Апсолутно не сме препорачале никакво лекување, на ниту едно ниво во здравствениот систем нема препорака и нема да го препорачаме, нормално, како и секој друг лек додека нема соодветен доказ во некоја од клиничките студии или испитувања кои веќе се спроведуваат, нагласи Филипче.
Во очекување на вакцините кои македонските власти ги порачаа преку Ковакс системот, како и дози во договор со двата производители АстраЗенека и Фајзер директно од компаниите, и трета опција е преку земјите од ЕУ, донесена е одлука за приоритени групи кои ќе ги примат првите две дози од вакцината против ковид.
Според министерот за здравство Венко Филипче приоритет ќе имаат сите здравствени работници кои работат во ковид центрите со болни од ковид и со суспектни на вирусот, медицинскиот персонал кој зема брисеви, граѓаните над 65 годишна возраст, хроничните болни од белодробни и кардиоваскуларни болести и вработените во критичната инфраструктура и транспортот.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 66330, бројката на оздравени пациенти е 42241, на починати е 1877, а бројот на активни случаи изнесува 22212.