Вирусот не стивнува во земјава вечера беа регистрирани нови 1.402 случаи на КОВИД-19, а починаа 29 лица. Министерот за здравство вели дека умерените мерки даваат резултат.
Во земјава вчера пристигнаа од Србија два пати по 20.000 дози од руската вакцина „Спутник“.
Дел од српската донација ќе биде наменета за вакцинација на возрасното население за кои се наменети и пристигнатите дози од Астра Зенека. Со останатата количина ќе бидат имунизирани лицата во критичните сектори –АРМ, полиција, новинари, воспитувачки..Граѓаните нема да имаат право на избор на вакцина и сите ќе го чекаат редот за вакцинација.
– Со оваа вакцина ќе се вакцинираат вработени во МВР, делот од Армијата, судовите, обвинителството, патарините, царина, возачите во јавниот транспорт, новинарите, односно сите оние што се во голем ризик и се во поголема возрасна категорија – истакна министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека вакцинацијата ќе се врши во салата „Борис Трајковски“.
Премиерот Зоран Заев, денеска истакна дека се пријавил за вакцинирање, и дека ќе се вакцинира со било која вакцина, односно со таа што ќе дојде на ред.
-Јас веќе се пријавив за вакцинација преку онлајн апликацијата како секој граѓанин, и која вакцина ќе дојде на ред, со таа ќе се вакцинирам. Сметам дека сите вакцини се здрави, безбедни и уште еднаш апелирам до граѓаните да ја искористат можноста и да се пријават за вакцинација, рече Заев.
Тој напомена дека во текот на овој месец се очекува да пристигна нови колични на вакцини.
-Tреба да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина, како и следните количини од „Спутник V“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани, изјави Заев, кој уште еднаш апелираше до граѓаните да се пријават за термин за вакцина, додавајќи дека сите вакцини се безбедни, и што побрзо заврши вакцинацијата „побрзо ќе го победиме овој невидлив непријател“.
Од соседна Србија веќе добивме 8 илјади вакцини на „Фајзер“ кои беа за здравствените работници од Ковид-центрите.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 131.424, бројката на оздравени пациенти е 107.740, на починати е 3.810, а бројот на активни случаи изнесува 19.874.