Министерството за здравство ги објави досега обработените податоци, од спроведениот скрининг во првите денови. Од тестирани 1323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на ЦЈЗ Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид, 725 се основци од 1 до 9 одделение, а 598 се средношколци.
Од нив само 6 основци биле позитивни на Ковид 19, а 1317 ученици биле негативни на тестот.
Од министерството за здравство информираат дека во моментов во РСМ, 885 деца на возраст од 0-17 години, се активни, а 15 се позитивни на Ковид 19. На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.
Според податоците од националниот систем Мој Термин, досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12,13,14,15,16 и 17 години примиле една доза вакцина за Ковид 19, а ревакцинирани се 4860 малолетници.
Воедно и од ИЈЗ информираа дека минатата недела најмногу вирусот се ширел кај населението од 20 до 29 години.
За само една недела во земјава починаа девојчиња на возраст од 16 и 17 години, по компликации од ковид 19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 204.416, бројот на оздравени пациенти е 189.947, на починати е 7.194, а бројот на активни случаи изнесува 7.275.