Вирусот засилено се шири, за властите последна мерка е полициски час

од Берта Китинска
333 прегледи

Повторно висок број на починати лица од Ковид 19 забележан за едно деноноќие во земјава.

Според податоците на Министерството за здравство починати се 31 лице, додека пак 977 лица се заразени .

За разлика од пролетта и летото, во овој период од годината вирусот има силна локална трансмисија, вели министерото за здравство Венко Филипче.

Филипче нагласи дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен и, доколку има потреба, Комисијата за заразни болести ќе препорача и дополнителни рестриктивни мерки, а евентуална следна мерка би можела да биде полициски час.

„Анализите покажуваат дека е намалена преносливоста на вирусот.  Ер нула (R0) факторот на преносливост е намален од 1,5 на близу 1, што значи дека еден човек при непосреден контакт претходно заразувал 1,5 човек, а сега тоа е помалку од еден“,објасни Филипче.

Македонија последниве неколку дена се стабилизира на високиот процент од околу 35 проценти заразени меѓу извршените тестови, а според Филипче факторот на заразување е намален и приближен на 1. Односно 1 позитивен, заразува еден човек.

Брзи тестови за ковид 

Владата на денешната седница го задолжи Министерството за здравство да спроведе постапка за јавна набавка на брзи антигени тестови за потребите на јавните здравствени установи со спроведување на постапка на преговарање без објавување оглас.

При оваа одлука Владата се повика на членот 55 став (1) точка 6) од Законот за јавните набавки, според кој оваа постапка може да се спроведе „доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат“.

Исто така, Владата одлучи да се побара од Министерството за одбрана да дозволи медицински лица од редовите на ова министерство да се стават на располагање на јавните здравствени установи во државата.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 48 613, бројката на оздравени пациенти е 28 646, на починати е 1 376, а бројот на активни случаи изнесува 18 591.

Слични содржини