Повторна беше забележан висок број на починати лица во вчерашната статистика која доцна синоќа ја објави министерството за здравство.
Беа регистрирани 336 нови случаи, а 32 лица ја загубија битка со вирусот.
Новиот КОВИД Центар на приватните болници се уште не почнал со работа со пациенти иако беше најавено дека ќе почне неделава. Министерството за здравство не знае детали дали се подготвува просторот, ниту пак знае со какво темпо ќе оди адаптацијата на хотелот Ибис, кој што го отстапи Систина за оваа намена, откако државата прогласи кризна состојба пред десетина дена.
„Министерството за здравство само ќе ги користи ресурсите од приватните болници, согласно законската рамка по прогласување на кризна состојба, кога приватните болници се согласија во целост да ја опремат стара Систина со потребната медицинска и немедицинска опрема, како и лекарски тимови и медицински персонал кои ќе работат со ковид пациенти. За детали околу подготовката и темпото на адаптација обратете се во приватните здравствени установи.“ велат од Министерство за здравство.
Во наредниот период се очекува повеќе исписи од примени на болни пациенти, вели министерот за здравство Венко Филипче.
-Состојбата по болниците се стабилизира, во наредниот период очекуваме повеќе исписи од приеми на болни пациенти. На денешниот состанок со директорите на ковид центрите во Скопје разговаравме за состојбата со вирусот. На инфективните оддели има доволно слободни места. Состојбата ја следиме од ден на ден и подготвени сме за секое сценарио. Доколку овие прогнози не се остварат имаме на располагање и нови оддели и дополнителни болнички капацитети кои се спремни да се отворат, вели Филипче.
Директорот на Клиничка болница во Штип, Ален Ѓеорѓијев истакна дека ќе побара припадници на Армијата да има пред Инфективното одделение и посочи дека консултациите ќе ги направи со министерот за здравство Венко Филипче.
Тој смета дека е потребно да има припадници на војската пред ова одделение, бидејќи се создава поголема гужва пред дневната Ковид амбуланта.
Денеска дванаесет лекари и дваесет медицински сестри од воено медицинскиот центар се вклучуваат во работа на интерните клиники каде има неколку ковид оддели.
11 дена по прогласувањето на кризната состојба, како поддршка во обезбедување на ред во ковид центрите низ државата распоредени се и припадници на армијата.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 61878, бројката на оздравени пациенти е 38946, на починати е 1763, а бројот на активни случаи изнесува 21169.