Вишото јавно обвинителство во Белград најави жалба на судската одлука Радоичиќ да не биде притворен

од Stefanija Kuzmanovska
258 прегледи

Вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград ќе се жали на одлуката на судот да не го притвори Милан Радоичиќ, кој е обвинет за повеќе кривични дела во врска со вооружениот конфликт на 24 септември во Бањска, на северот на Косово.

Вишиот суд во Белград претходно денеска објави дека го отфрлил предлогот на ВЈТ за приведување на Радоичиќ и му забранил да ја напушти Србија. Од ВЈТ за агенцијата „Бета“ изјавиле дека по приемот на решението на Вишиот суд, ќе поднесат жалба.

Вишиот суд соопшти дека судијата за претходна постапка, по сослушувањето на обвинетиот Милан Радоичиќ, го одбил предлогот на ВЈТ да му одреди притвор поради опасност од бегство.

„На Милан Радоичиќ му е одредена мерка забрана за напуштање на местото на живеење, со која му се забранува да ја напушти територијата на Србија без одобрение на судот“, се вели во соопштението.

Според одлуката на судот, му било забрането да влезе на територијата на Косово, а на секој први и 15-ти секој месец му е наложено да се јавува во надлежната полициска станица.

Привремено му бил одземен српскиот пасош, а бил предупреден дека може да биде приведен доколку ги прекрши забраните и обврските.

Тој се товари за сторени повеќе кривични дела и тоа: „недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и експлозивни материи“, „учество во група“ и „тешко кривично дело против општата безбедност“.

Вчера, како што соопшти ВЈТ, Радоичиќ на рочиштето ги негирал сите обвинувања.

Во вооружениот конфликт меѓу Србите и косовската полиција во Бањска загинаа еден косовски полицаец и тројца Срби.

Слични содржини