Вишото обвинителство е согласно со ослободителната пресуда за Дурловски, за останатите бара потврдување на казните

од Aleksandar Petrovski

Денеска на одржаната јавна расправа во Апелациониот суд по поднесените жалби за пресудите за случувањата на 27 април во Собранието, Вишото јавно обвинителство Скопје, по проучување на првостепената пресуда и останатите списи од предметот даде предлог да се одбијат како неосновани жалбите на обвинетите, и тоа по сите основи на кои се однесуваат.

Во однос на фактичката состојба која произлегува од бројни материјални и вербални докази изведени на главната расправа, првостепениот суд правилно оценил дека кај обвинетите постои умисла за дејствијата кои ги презеле и дека станува збор за добро осмислени, организирани и синхронизирани дејствија во кои што секој од обвинетите имал однапред одредени улоги и задачи.

Во однос на жалбата од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за ослободителниот дел од наведената пресуда за обвинетиот Игор Дурловски, Вишото јавно обвинителство Скопје во својот предлог се произнесе дека повисокиот суд треба да ја одбие како неоснована.
Имено, првостепениот суд правилно ги утврдил фактите во предметот и во пресудата образложил дека за овој обвинет не е докажано надвор од разумно сомневање дека го извршил наведеното кривично дело.

Меѓу 16-те обвинети кои со првостепената пресуда од март минатата година беа осудени на вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок” се поранешниот директор на Бирото за јавна безбеднист, Митко Чавков, припадници на МВР и Агенцијата за разузнавање.

Слични содржини