Висока владина делегација во Париз во обид Охрид да не го загуби статусот на заштитено светско наследство

Како што информираат од Владата, во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Делегација на Владата составена од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.

Како што информираат од Владата, во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.

-На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност.

Делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.

Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО, стои во соопштението од Владата.

Лани УНЕСКО го одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на загрозени светски наследства, но под услов Северна Македонија до февруари 2026 година да исполни низа конкретни обврски за заштита на неговите природни и културни вредности.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47. сесија во Париз го усвои амандманот поднесен од македонските претставници, со кој беше барано да се одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на светски наследства во опасност. Со тоа властите добија нови услови до овој месец да достават извештај за преземените мерки за заштита. Амандманот беше поднесен од македонската делегација која побара повлекување на Нацрт-одлука со која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен.

Комитетот по третпат расправаше за статусот на Охрид, во услови кога 39 граѓански организации од Македонија и Албанија побараа да биде впишан во Листата на светски наследства во опасност, за како што велат, да се отвори врата за строго дефиниран процес за санација под постојан надзор на УНЕСКО.

Природното и културното наследство на Охридскиот Регион е прогласено за светско наследство во 1979 година. Во 2019, ова подрачје беше проширено за да го вклучи и албанскиот дел од езерото, со што стана меѓудржавно светско наследство.