Вистинити ли се наводите за „тешки криминали“? Јонузи: Груби е цел на ВМРО-ДПМНЕ поради личните заложби и определби за проевропска С. Македонија

од Nikola Popovski
470 прегледи

Информациите кои во последниот период доаѓаат за името на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, ја подигнаа јавноста на нозе. Опозицијата секојдневно излегува со обвинувања поврзани токму со вицепремиерот. ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Груби за фирмата за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10д, за т.н. „Хашка хациенда“, за тоа дека неговиот брат наводно купил деловен објект во центарот на Скопје од половина милион евра додека тој е вицепремиер, но и за играњето фудбал и кошарка во неговиот министерски кабинет. Во меѓувреме се води и битка во самата ДУИ за превласт. Се јавува „Огнената група“ која исто така оди против Груби. Тие го обвинуваат членот на најголемата албанска партија во земјава дека ги разрешува лицата кои мислат поинаку во ДУИ“ и дека неговото однесување „предизвикало „незадоволство, револт и пасивност на структурите и на гласачите“.

Во однос на неговиот подем и партиципација во Владата, поразговаравме со долгогодишниот новинар и познавач на состојбите кај албанскиот политички блок, Дестан Јонузи.

-Не се сеќавам дека Северна Македонија досега имала таква личност на позицијата вицепремиер кој е толку посветен на својата работа. Мислам дека Груби е моќен поради неговата позиција во извршната власт и неговата решеност да ги спроведе политиките на Али Ахмети и платформата на ДУИ. Она што ја создава оваа конфузија во јавноста е што сега Груби почна повеќе да се појавува во медиумите и е силно нападнат од некои кругови во земјата кои се наоѓаат на спротивната страна на официјалните политики на државата, односно и поради личните заложби и определби на Груби за проевропска Северна Македонија, порачува Јонузи за „Локално“.

Дестан Јонузи

Порачува дека Груби во неколку наврати има изјавено дека се занимава со политика поради Али Ахмети и не смета дека токму тој сака да му ја презеде функцијата.

-Иако според мене Груби е една од најподготвените политички фигури во ДУИ. Значи за Груби Али Ахмети е неприкосновен лидер. Од друга страна, што се однесува до „Огнената група“, може да постои таков сомнеж дека еве сега некој како Груби, а не тие, сака да ја преземе партијата, и сега работите се отидени до таму што нивната жестока битка проти Груби, се претвори во отворена битка со Али Ахмети, нешто што за нив краткорочно и долгорочно е изгубена битка, бидејќи ДУИ е партија која се идентификува со ликот и делото на Али Ахмети. Кај „Огнените“ имате кадри од стара генерација, кои во ДУИ долги години имаа високи партиски функции но и високи позиции на власта и огромни привилегии, што можеби сега ги немаат и затоа е нивното незадоволство, чувствувајќи се загрозени од Груби кој ужива голема доверба од Али Ахмети. Некои од нив не се прославија многу, беа обележани со многу сомнежи за нивната успешност додека беа на власт, а концептуално гледано, таа генерација, според визијата и политичките убедувања се судира со генерацијата на вицепремиерот Груби, потенцира соговорникот.

Јонузи нагласува дека граѓаните го подржуваат ДУИ поради нивниот лидер Али Ахмети, а потоа и поради политиките што ги спроведува оваа партија.

-Ако сакате да направите споредба меѓу поддршката на некои поединци од таканаречената „Огнена група“ со Груби, тогаш теренот вели дека тој ужива исклучителна популарност од Куманово до Струга. Ако ја локализираме поддршката во Скопје, и таму се докажа дека мнозинството стои зад Али Ахмети, односно зад Артан Груби и другите експоненти на ДУИ, додека „Огнената група“ освен што е контрадикторна во своите јавни настапи и нивните мотиви(на пример, сосема се нејасни мотивите на еден Блерим Беџети или Невзат Бејта, бидејќи со ништо не им засметал Груби), води и лична битка за да се отстране некој, и да се постави некој друг, оценува новинарот.

Тој смета дека Груби е еден од најдиректните политичари во неговите настапи во јавноста во однос на неговата политика.

-Сите административци што не беа систематизирани пред една година се систематизирани, додека по хонорари и ангажмани мислам дека секој функционер, па и директор на јавно претпријатие, ангажира од 20 до 30 лица да му вршат разни работни задачи. Ова не е нешто што го измислил Груби и само во неговото министерство постојат такви. Покрај другото, во неговото министерство беа примени нови административци кои во меѓувреме се префрлени во други инситуции, а некои медиуми пишуваат за наводна превработеност. Од еден полу-факт, создаваат одредена перцепција која ја пласираат како вистина. И за другите спомнати работи, ако тие ги спомнуваат опозицијата, а медиумите прават приказна од тоа, заличуваат како да е така. Но самиот Груби ги предизвика за сите наводи да се обратат до надлежните ако имаат некакви сомнежи за некакви прекршувања, истакнува Јонузи.

Што се однесува до Коридорите 8 и 10Д, новинарот истакнува дека ова е мега проект за кој сите треба да бидат среќни, а не априори да се фрлат разни сомнежи.

-Поврзувањето на луѓето и на стоки е приоритет во секоја европска земја, вклучително и Северна Македонија. Станува збор за проект зад кој стои огромна американска компанија. Мислам дека еден постар колега многу добро објасни во една своја колумна токму околу спомнатата компанија која се сомничи како избрана на несоодветен или сомнителен начин, вели познавачот на состојбите кај албанските партии во земјава.

Артан Груби со Али Ахмети

Посочува дека ДУИ во моментов го гледа на чело со Али Ахмети најмалку за уште еден мандат.

-Нејзиниот следен конгрес е наесен и господинот Ахмети најави уште една кандидатура, па ја гледам ДУИ со Али Ахмети на чело, а покрај него построени Артан Груби, Фатон Ахмети, Фатмир Бесими, Бујар Османи, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири и цела нова генерација на политичари. ДУИ покажа дека секогаш е чекор понапред од другите. Се случува трансформација на генерациите но и на политичките платформи, така што нејзините политики се прилагодуваат со времето. За европската партија нема дискусија, бидејќи ДУИ од нејзиното формирање како главен постулат ја има интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, нејзиниот префикс сам по себе е „демократска за интеграција“. Во однос на зелените политики, мислам дека не само ДУИ, туку и сите прогресивни партии, без разлика на нивната ориентација, треба да ги прифатат како императив на времето. Тие се иднината на следните 30 години на Европа и Северна Македонија како дел од неа, потенцира Јонузи.

Ако станува збор за парламентарните избори во 2024 година, соговорникот го дели верувањето дека ДУИ и „Фронтот за Европа“ инициран од Али Ахмети ќе победат.

-Со ова ДУИ повторно ќе биде првата партија на Албанците. Тоа нема да биде крај, туку нов почеток на реформираната ДУИ. Доколку „Фронтот за Европа“ биде прифатен и од прогресивните партии на Македонците, мислам дека победата ќе биде тројна, победува ДУИ, АА, СДСМ, но и државата поради проевропските и проамериканските стратешка определба, анализира новинарот.

Н.П.

Слични содржини