Вицепремиерот Бујар Османи во посета на Везе Шари во Требош

од desk2
78 прегледи

Делегација од над 40 лица од Македонија на 27 септември за првпат од тој обем ќе го посети Брисел за да ги започне првичните комуникации околу скринингот пред започнување на преговорите за членство во ЕУ. Ова го истакна вицепремиерот за евро интеграции Бујар Османи при денешната посета на компанијата Везе Шари и Лекер во тетовското село Требош. Тој посочи дека Македонија е длабоко навлезена во процесот на подготовки, скринигот и отпочнувањето на преговори со ЕУ.

– Таа делегација треба да слушне што Брисел очекува од нас и по враќањето треба да се направи пресек до каде сме во сите области за да го утврдиме просторот што треба да го надополниме во текот на преговорите. ЕУ не е само висока политика, туку тоа се секојдневни мали, ситни стандарди што значат живот за луѓето но и за компаниите и бизнисите. Преговорите со ЕУ се најсложената и најкомплексната операција што една Влада ги прави. За таму да влеземе подготвени ќе ни треба подршка од сите, рече Османи.

При разговорите со сопственикот на Везе Шари Арбен Абдурахмани информирал дека веднаш по постигнувањето на договорот помеѓу Македонија и Грција, како и можноста за зачленување во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ била отворена можноста за нова инвестиција во вредност од 30 милиони евра со над 2.000 нови вработувања.
– Нема подобра порака од ова што значи членството во НАТО и ЕУ – за нови работни места, за повисоки плати, за повисок стандард, за подобра контрола на храната што ја јадеме, за подобра контрола на животната средина. Денешната посета на Везе Шари е со цел да разговараме за европските стандарди, прописи и регулативи како и подготовка на нашата преговарачка позиција во однос на Европската комисија. Нема подбро место од тоа од оваа компанија бидејќи таа е една од ретките со добиени лиценци за извоз на храна во ЕУ, но и за армијата на САД што покажува исполнување на врвни стандарди, изјави Османи.

Абдурахмани рече дека по потпишувањето на спогодбата со Грција ги контактирале и домашни и странски инвеститори за отпочнување на зафат за производство на бојлерско месо или 10 милиони пилиња на годишно ниво.

– Проектот во кој учествуваат осум домашни и странски акционери опфаќа отворање на 60 хали од 1.500 метри квадратни на целата територија на државата и над 2.000 вработувања. Меѓу главните корисници ќе биде и синџирот на ресторани KFC во скоро сите балкански земји и пошироко рече Абдурахмани.