Вклучувањето на Бугарите во Уставот е право, а не привилегија, велат од избришаниот клуб „Иван Михајлов“

од Nikola Popovski

Од избришаниот бугарски клуб во Битола „Иван Михајлов“ испратиле отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски. Во него, членовите на здружението и клубот, избришани од Централниот регистар, инсистираат да учествуваат во изработката на предлозите за промена на Уставот на земјата.

-Ништо не може да го поништи фактот дека во Северна Македонија има бугарско прашање, кое може да се реши само со алатките на демократијата и владеењето на правото. Тепањето на македонските Бугари, отпуштањата од работа, палењето и пукањето на нашите клубови, ослободувањето на сторителите, забраната на нашите здруженија, говорот на омраза во контролираните медиуми, сквернавењето на нашите споменици и фалсификувањето на нашата историја – ништо нема да не спречи затоа што ние сме народот! Ние сме луѓе на цар Самуил, на преродбениците, на егзархијата, на Илинденци, на Гоце, на Тодор Александров и на Ванчо Михаилов. Нашето вклучување во Уставот на Република Северна Македонија не е привилегија, туку право, се вели во отвореното писмо потпишано од претседателот на сега веќе избришаниот клуб, Љупчо Георгиевски.

Здружението очекува да бидат поканети на разговор, како што биле поканети и сослушани во Европската комисија во Брисел.

Од „Иван Михајлов“ апелираат до Пендаровски со следните барања: „да не се игра со терминот „малцинство“, бидејќи не се сметаат себеси за малцинство, да не се агитира до ЕУ дека македонските бугари се фашисти, безбедносните служби да не ги трошат парите на даночните обврзници за создавање лажни бугарски здруженија кои наводно ги застапуваат и да не сметаат дека ќе бидат поколебливи од „корумпирани поединечни јавни личности во Софија“.

-Очекуваме, господине претседателе, да ја прифатите нашата подадена рака, стои во отвореното писмо објавено и на Фејсбук страницата на здружението.

Клубот „Иван Михаилов“ беше регистриран во земјава во април 2019 година и избришан од Централниот регистар на државата пред еден месец како резултат на измените во Законот за имиња на здруженија и фондации, поради одбивањето да го промени името.

Слични содржини