ВКУПНО 97 ЖРТВИ: Крај на потрагата во урнатините на зградата во Мајами

од Stefanija Kuzmanovska

Противпожарната и спасувачката служба на округот Мајами-Дејд прогласи крај на потрагата по човечки остатоци во урнатините на висококатницата која се урна на 24 јуни, при што загинаа најмалку 97 лица.

Властите соопштија дека судбината на една жртва е непозната, а окружниот полициски оддел потврди дека ќе продолжат да ги пребаруваат урнатините во потрага по личните предмети на станарите, пренесува „Ројтерс“.

Дежурна противпожарна служба на местото на срушената зграда во Сурфсајд, предградие на Мајами, беше демобилизирана четири недели и еден ден по уривањето на 12-катницата, која се сруши на 24 јуни во 1:30 часот наутро додека станарите спиеле.

– Во овој момент станува сè потешко да се идентификуваат жртвите и ние многу се потпираме на работата на медицинските тимови кои спроведуваат научен процес за идентификување на човечки остатоци – рече градоначалничката Даниела Левин Кава.

Таа ги поздрави сите членови на спасувачките тимови и ги нарече „вистински суперхерои“.

По првите часови од уривањето на зградата, не беа пронајдени преживеани во купот кршен бетон, урнатини и арматури, а на 7 јули, властите официјално отфрлија секаква понатамошна надеж дека ќе можат да ги пронајдат преживеаните.

Локалните власти потврдија дека имало вкупно 97 жртви и дека биле пронајдени остатоци од 96 лица, додека едно лице починало во болница.

Слични содржини