Членовите на Владата ја усвоија и Информацијата за преземените мерки од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во однос на појавата на африканска чума кај свињите при што беа донесени задолжувања за надлежните, со цел сузбивање и искоренување на болеста, меѓу кои:
Министерството за финансии – Царинската управа да ги интензивира контролите на граничните премини и на аеродромите, при влез во државата, на личниот багаж на патниците и на дневна основа да ја известува АХВ за запленетите производи од животинско потекло и истите нештетно да ги отстранува.
АХВ сѐ додека не прогласи стабилна епидемиолошка состојба со болеста африканска чума кај свињите, согласно Законот за ловство да им даде обврска на концесионерите на ловиштата, да извршат засилен отстрел на диви свињи во ловиштата определени со решение од директорот на АХВ, независно од бројот на дозволен отстрел определен во ловостопанските основи за секое ловиште. Во ловните денови да вршат контрола, во присуство на официјален ветеринар на сите учесници во ловот на определени пунктови, независно од тоа дали имаат отстрелано дивеч и да ја почитуваат законската обврска за издавање потврда за потекло на дивеч, делови од дивечот и трофеите од дивечот.
На ловиштата во кои се забранува ловот, да вршат пребарување за наоѓање на угинати диви свињи и истите да ги пријават на надлежните официјални ветеринари за земање примероци.
Истовремено, да изработат план за динамиката, начинот на пребарување и мерките за биосигурност, кои треба да се применуваат при спроведување на оваа активност и да го достават до АХВ.
АХВ има обврска, во најбрз можен рок, за вршење надомест на штета за уништените (убиени) свињи во сите одгледувалишта (регистрирани) во заштитната зона од три километри.
Според задолжувањата, од надлежните ресори потребно е обезбедување помош и поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за интензивни контроли на дневна основа на патничките и товарните возила кои вршат превоз на животни во соработка со надлежните официјални ветеринари, како и обезбедување потребна механизација за спроведување на контролните и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, во најбрз можен рок.