Влада: Договор со ЕУ за ко-финансирање на „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион”

од Nikola Popovski
140 прегледи

На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање Владата ја разгледа и ја усвои информацијата и го прифати текстот на Билатералниот договор помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за ко-финансирање на големиот инвестициски проект „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион”.

Со проектот „Интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад во Источен и Североисточен регион” се решаваат значајните еколошки и оперативни проблеми поврзани со создавање и управување со отпад и ќе се создадат услови за развивање на интегриран систем за управување со отпад во овие региони, како и во Општина Свети Николе.

Системот е во целосна согласност со ЕУ принципите и принципите на националното законодавство за животна средина и ги адресира сите елементи на управувањето со отпад, од спречување на создавање на отпад, негово собирање, па сѐ до отстранување на остатоците од отпадот.

Со проектот ќе бидат опфатени два региона: Североисточниот Регион (Општините: Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка) и Источниот Регион (Општините: Штип, Кочани, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Виница, Пробиштип, Зрновци, Облешево-Чешиново и Карбинци) и Општина Свети Николе.