Влада: Изјавите на Каракачанов се недостојни и недолични

од Берта Китинска
337 прегледи

Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, за изјавите на бугарскиот министер за одбрана, Красимир Каракачанов, дека би можел да испрати инженерски полк за демонтирање споменици во земјава на кои пишува „бугарски фашистички окупатори“ ги оцени како недостојни и недолични, коментирајќи дека претставници на две земји членки на НАТО не може да комуницираат на ваков начин меѓу себе.

„Убедени сме дека земја сосед која прва ја призна независноста и беше промотор на патот на интеграцијата кон НАТО и ЕУ нема да помисли да го оспорува правото на идентитетско самоопределување на пријателскиот македонски народ. Може само да изразиме оптимизам дека тоа не е став на мнозинството граѓани и на академската заедница во Бугарија“, рече Арсовски.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов  изјави дека е спремен да испрати инженерски полк за да ги отстрани спомениците и спомен-плочите во Македонија на кои што пишува „бугарски фашистички окупатор“.

Тој кажа дека услов за Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ во декември е да се откаже од тие споменици и плочи, во интервју за бугарско радио и дека тој нема да прифати никаков компромис околу тоа.

„Ако треба ќе им го пратам инженерскиот полк да им помогне да ги тргнат побрзо или ќе им пратам од мојата организација ВМРО, ќе ги тргнат за 24 часа. Не можеме да дозволиме една држава да гради идентитет на база на учебници во кои се вели дека Бугарите биле убијци, фашисти, Татари, окупатори… Држава која со политиката создава национално малцинство во Бугарија и ја загрозува територијалната целост на Бугарија“, изјави Каракачанов, кој е лидер на партијата ВМРО-БНД.

Слични содржини