Влада: Лажна вест е тврдењето нa СДСМ дека семејството на Мицкоски патувало до Хрватска со владиниот авион

„Службениот авион стар 20 години е користен исклучиво од премиерот, без семејна придружба за негови службени потреби и во период од две години само за 4 патувања во соседството“, додаваат од „Илинденска бр.2“

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Сител

Владата денеска излезе со кратко соопштение во кое соопшти дека лажна вест се тврдењата на СДСМ како семејството на премиерот Христијан Мицкоски патувало до Сплит во Хрватска. Од Владата потенцираат дека службениот авион стар 20 години е користен исклучиво од премиерот, без семејна придружба за негови службени потреби и во период од две години само за 4 патувања во соседството.

„Лицемерно е однесувањето на СДСМ и лидерот Венко Филипче кој во затворени разговори се согласува за набавка на нов владин авион, а во јавност сосема спротивно истото го критикува.

Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите кои произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери“, порачуваат од „Илинденска бр.2“.

Претходно од СДСМ посочија дека Владата во обид да го оправда, како што велат, луксузирањето на Мицкоски со владиниот авион на Јадранско море соопшти јавно дека наводно „авионот бил користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење“, и дека „секое користење е евидентирано, документирано“.

-Ако навистина авионот бил користен согласно процедурите, бараме Владата да го докаже тоа. Бараме Владата да го објави списокот на патници, кој бил заедно со Мицкоски во владинот авион, наведоа утрово од опозициската партија.

Слични содржини