Влада: МЗ да достави информација во рок од два дена за случајот со „Жан Митрев“

од Nikola Popovski

Владата на Република Северна Македонија на денешната 61-ва седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, го задолжи Министерството за здравство да ги разгледа детално информациите поврзани со објавената сторија на „Истражувачка репортерска лабораторија“, емитувана на програмата на Националната радио телевизија на 17 јули 2022 година, а во врска со Клиничката болница „Жан Митрев“, Скопје.

Заради големиот број реакции во јавноста, Министерството за здравство е задолжено да подготви и во рок од два дена до Владата да достави информација во врска со овој случај.

Во фокусот на нивниот интерес биле злоупотребите на методот на хемофилтрација од страна на клиниката „Жан Митрев“ за време на пандемијата. За овој метод пациентите плаќале од три до пет илјади евра, но во документарецот се наметнува прашањето дали тој бил одобрен од соодветните институции и дали придонел за влошување на здравствената состојба на пациентите. Според истражувањето на ИРЛ, смртноста во ковид пандемијата, во клиниката Жан Митрев е поголема од онаа на државната инфективна клиника, иако бројот на хоспитализации во споредба со клиниките е значително помала.

По објавената сторија, експерсно се огласија од Јавното обвинителство и информираа дека веќе оформиле предмет кој ќе ја испита целата постапка.

Слични содржини