Влада: Најавената робусна акција не претставува притисок

од Nikola Popovski
68 прегледи

Владата денеска повторно беше запрашана за вчерашната оставка на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева и дали започна робусната акција против корумпираното судство, како што претходно најавуваше премиерот Христијан Мицкоски.

-Негативните поени кои што ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на судството во целина и од огромниот број на скандали кои што се случуваа таму. Информацијата дека навистина ќе имаме робусна борба против состојбите во делот од правосудството не го цениме како притисок. Она што поранешната претседателка на Судскиот совет го изнесе во јавноста и нејзината оставка е најсоодветно што може да се случи после сите скандали, кажа потпаролката на Владата, Марија Митева на прес-конференција.

-Во услови кога судството е опструирано од власта, а премиерот и пратеници изразуваат негативен став кон Судскиот совет, единствено ми останува да го заштитам личниот интегритет и да поднесам неотповиклива оставка, рече вчера Весна Дамева, најавувајќи го повлекувањето од функцијата.

Иако во последниот период најави робусна акција, пред два месеци Мицкоски информира дека како Влада имаат план за реформи во правосудството и дека ќе почнат да го спроведуваат. Планот, како што кажа премиерот на почетокот на октомври, е компилација од препораките на Оценската мисија, препораките на Европската Унија и од „оние одредници коишто се дел од нашата владина програма со која излеговме пред граѓаните на изборите“.

Од друга страна, Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава на патот кон ЕУ изрази загриженост за најавите за распуштање на Судскиот совет и  Советот на јавни обвинители оценувајќи дека таквите дејствија би ја поткопале независноста на судството.

Слични содржини