Во врска со денешните јавни настапи и изјави на првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов, од Владата излегоа со соопштение, во кое велат, најостро реагираме на обидите за создавање лажна слика за социјалниот дијалог.
-Не знаеме кого Трендафилов чекал, сместувајќи се во празна сала, но едно е кристално јасно, социјалниот дијалог за нас е сериозна и одговорна државна политика, а не средство за политички театар и парадерство пред камери. Јавноста треба да знае дека средбата на премиерот Мицкоски со претставници на синдикатот УПОЗ е закажана и ќе се одржи во просториите на Владата во четврток во 16:45 часот, посочуваат од Владата.
Во реакцијата се додава дека ова е конкретен доказ дека Владата не бега од дијалог, туку инсистира истиот да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.
-Социјалниот дијалог се води таму каде што му е местото, во институциите, со јасен план и реална намера за изнаоѓање решенија.
Сите обиди истиот да се претвори во лажни наративи и самоволни појавувања, се неодговорни и штетни по интересите на работниците, кои наводно се бранат. Владата останува цврсто посветена на конструктивен социјален дијалог, но нема да дозволи истиот да биде злоупотребуван за дневнополитички калкулации, порачуваат од „Илинденска бр.2“.
Утрово претседателот на ССМ остана да чека сам во просторијата, а преку објава на социјалните мрежи оцени дека Владата не го става зголемувањето на платите меѓу своите приоритети.
„Денеска, паднаа маските, се разобличија лагите кои претставникот на Владата ги изјавуваше изминатите денови за да створат сомнеж кај работниците, денеска не дојде како што го поканивме, денеска тие имаа други приоритети, а се потврди дека не им е приоритет зголемувањето на работничките плати ниту зголемување на минималната плата, ниту зголемување на останатите плати“, напиша Трендафилов.
Минималната плата од 600 евра нето е клучно барање на синдикатите во последните месеци, во услови на континуирана инфлација, раст на цените на храната, енергенсите и кириите. Од ССМ посочуваат дека актуелната минимална плата не обезбедува ни основно достоинствено живеење, а работниците се принудени да преживуваат, а не да живеат од својот труд.
Поради тоа, синдикатите веќе започнаа серија протести и предупредувачки штрајкови, кои, како што најавуваат, ќе се интензивираат доколку Владата продолжи да ја одолговлекува одлуката. Следните чекори, според ССМ, вклучуваат масовен протест пред Владата, блокади и можно проширување на штрајковите во јавниот и приватниот сектор.