Владата на Република Северна Македонија на денешната 78 тематска седница, ги разгледа и усвои информациите во врска со склучување на договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра.
Ова се само дел од средствата и проектите обезбедени со одлука на Влада за прераспределба на парите од концесионерот ТАВ, кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, а сега со нив ќе се финансираат проекти низ општините во целата држава и ќе се прошират капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.
Предвидено е севкупно, 75 општини да реализираат 99 инфраструктурни проекти, за што се издвоени 35 милиони евра.
Станува збор за инфраструктурни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење за граѓаните. Поточно, средствата се наменети за изградба на водоводни мрежи, фекална и атмосферска канализација, реконструкција на локални патишта, доизградба на детски градинки, реконструкција на основни и средни училишта, резервоари за вода, системи за водоснабдување и останати проекти.
Дваесет и трите проекти за кои беа утврдени договорите на денешната седница се следните:
Во Општина Бутел предвидена е доизградба на детската градинка „Св.Климент Охридски”;
Во Општина Прилеп ќе се врши реконструкција на главниот довод на Пашовски ливади;
Во Општина Ново Село со предвидените средства ќе се гради канализационен систем во с.Сушица;
Во Општина Шуто Оризари, средствата се предвидени за изградба на атмосферска канализација;
Во Општина Крива Паланка, ќе се реконструира улицата Вршачка;
Во Општина Валандово поточно за с.Раброво предвидена е изградба на канализација и колекторски систем;
За Општина Струмица – Проект на регулација на Порој – Св. Илија;
Во Делчево – Предвидена е реконструкција на училишна фасада на ООУ „Ванчо Прке”,
Во Општина Ресен – Во населено место Сливница следи изградба на канализација;
Во Пробиштип – реконструкција на улица Даме Груев;
Во Карбинци – Регионален водоводен систем Голема Плачковица;
Во Липково – Водовод за селото Лојане;
За Тетово – изградба на патот Благоја Тоска;
Во Чаир се предвидува реконструкција на постоечка водоводна мрежа и реконструкција на постоечка канализација и фекални води;
За Сарај, реконструкција на патот Буковиќ – Раовиќ;
Во Општина Росоман, рехабилитација и санација на главен цевковод за водоснабдување на с. Крушевица;
Во Босилово, изградба на водоводна мрежа во населено место Гечерлија;
Во Карпош, партерно уредување-реконструкција на пешачка зона-платформа на станбено-деловен комплекс – Порта Влае;
Во Старо Нагоричане, изградба на патен правец до с. Драгоманце;
Во Неготино, изградба на улици во село Тимјаник; и
За општините Зелениково, Теарце и Боговиње предвидени се средства за изградба на комунална инфраструктура.