Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за правда за изнаоѓање решение околу актуелните барања и посочени состојби од страна на судската, јавно обвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Владата одлучи во рок од седум дена да биде формирана работна група составена од министерот за правда, министерот за финансии, министерот за информатичко општество и администрација и заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции и претставници од Синдикатот на УПОЗ, заради изнаоѓање решение во врска со барањата и посочените состојби од страна на судската, јавно обвинителската служба и вработените во органите на државната управа.
Владината одлука следува откако од страна на Министерството за правда е информирано дека на разговори со Синдикатот на УПОЗ е изразена определба од двете страни да се најде заедничко решение, со цел да не се кочи процесот на движење на предмети во судовите и јавните обвинителства.
Со денешниот владин заклучок практично е овозможено непречено функционирање на правосудниот систем, во текот на разговорите меѓу работната група и Синдикатот на УПОЗ.