Влада: Се укинува забраната за движење

од Nikola Popovski
362 прегледи

Владата на Република Северна Македонија на денешната 79-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести.

Одлуката следи откако беше оценето дека епидемиолошката состојба во земјата се стабилизира со намалување на бројот на позитивни случаи на коронавирус и зголемување на бројот на вакцинирани.

Според нив, почнувајќи од 16 јуни 2021 година (среда), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија.

-Исто така  од утре, 16 јуни, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.

Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители.

Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.

Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.

Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби, стои во соопштението од Владата.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 2.887 тестирања, а регистрирани се 28 нови случаи на Ковид-19, и тоа од: Скопје – 9, Кичево – 5, Куманово и Тетово по 4, Прилеп и Охрид по 2 и по еден случај во Штип и Струмица.

Во изминатото деноноќие нема починати лица, а регистрирани се 34 оздравени пациенти, и тоа од: Скопје – 18, Прилеп – 4, Куманово и Тетово по 3, Битола – 2 и по еден оздравен во Кичево, Гевгелија, Свети Николе и од Делчево.

Слични содржини