Влада: Со измените во законските решенија се обезбедува сигурност и предвидливост за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза

од Stefanija Kuzmanovska
148 прегледи

Владата на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека денеска се одржа работен состанок на посебното тело на кој присуствуваа стручните советници на премиерот, претставници на ФЗОРСМ, Клиниката за детски болести, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија како и од Асоцијацијата за цистична фиброза.

На состанокот во инклузивен и транспарентен процес, сите членови го дадоа своето видување и придонес во однос на предлог измените на потребните законски решенија со кои се регулира и овозможува системско планирање и системско решение за болните од цистична фиброза. Процесот е префинална фаза, а се очекува работната група во текот на утрешниот ден да дефинира финални предлог законски одредби со кои државата ќе биде во можност преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија и на тој начин да ги обезбеди пациентите кои боледуваат од цистична фиброза со лекот „Трикафта”.

Воедно на состанокот, заедно со Асоцијацијата за цистична фиброза беше дискутирана и тригодишната Програма за пациенти со цистична фиброза со која ќе се обезбеди буџетска предвидливост и соодветно планирање на набавките, со што се обезбедува сигурност за пациентите во иднина. Разговараното решение е по европски стандарди определени за овој тип на лекови и третман на болеста.

Дискусијата за измените на законските решенија се одвиваат паралелно со набавката на лекот за најкритичните пациенти кои боледуваат од цистична фиброза, за чија намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиони евра. Во соработка со сите релевантни институции во најкус рок беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот „Трикафта”, а испораката на лекот за овие пациенти се очекува да биде извршена од страна на добавувачот, во најбрз можен период, не подолг од 30 дена, согласно процедурите за работа на самиот производител и добавувач, а врзани со спецификите на самиот лек.

Слични содржини