Владата информира дека од денес телефонската линија за сите повредени и нивните семејства во трагедијата во Кочани е во функција. Се наведува дека преку директна комуникација секој од повредените лица и семејствата ќе може да се јават, да ги искажат своите барања кои ги имаат, како и да понудат предлози и конкретни потреби.
-Телефонскиот број 070/355-526 на кој ќе можат да се јават повредените и семејствата е јавно достапен, и е директна комуникација управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, посочуваат од „Илинденска бр.2“, додавајќи дека никој нема да биде заборавен.
-Наш приоритет е повредените од кочанската трагедија да добијат соодветна медицинска нега и целосна рехабилитација, за да можат да продолжат со животот понатаму.
Токму поради тоа, на владина седница ќе се донесе одлука со која одморалиштето Пониква кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи ќе се отстапи за потребите на Министерството за здравство, односно за пациентите кои веќе се во стабилна состојба, но имаат потреба од понатамошен третман.
Одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, а ќе биде обезбеден и дополнителен медицински кадар кој ќе пружи целосна медицинска нега на пациентите, порачаа од Владата.