Влада за „Локално„: Објавата на руската амбасада дека ќе следи манифестација на русофобија делува како закана

од Берта Китинска
263 прегледи

Во Северна Македонија нема русофобија, а реакциите на мноштво граѓани за воената агресија од страна на Русија врз Украина се поттикнати од воените дејствија кои ги презема Русија и од желбата на граѓаните за мир и благосостојба, велат во изјава за „Локално“ од Влада во врска со информацијата на Амбасадата на Русија во Македонија која објави дека внимателно ги евидентира случаите на русофобија во голем број странски земји.

-Во Северна Македонија има голем број граѓани кои не ги одобруваат постапките со кои грубо се нарушува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Граѓаните во Северна Македонија не искажуваат омраза кон рускиот народ.Објавата од страна на амбасадата на Руската Федерација, во која велат дека ги бележат сите манифестации на русофобија од страна на македонски граѓани, во сегашните услови делува како закана и не е дипломатскиот јазик кој треба да го користат во нашата земја како земја- домаќин, посочуваат од Влада.

Оттаму додаваат дека Русија има донесено одлука сите земји кои се спротивставени на воената агресија да ги оквалификува како непријателски.

-Како НАТО членка, сме отворено против воената агресија и се приклучуваме кон партнерите од САД и ЕУ во мерките за деескалација на конфликтот и прекинување на воените дејствија.Северна Македонија останува посветена на активностите кои поттикнуваат мир, стабилност, демократски развој и економски просперитет, посочуваат од Влада.

Денеска С.Македонија се најде на списокот од 48 држави и територии означени од страна на Русија како непријателски. Министерот за надоврешни работи, Бујар Османи, во моментот на објавување на списокот од страна на руското МНР информираше дека нашата земја не добила официјално известување за тоа.

-Не сме информирани официјално за таков став на Руската федерација кон нашата држава, кажа денеска Османи.

Документот објавен од руската влада содржи список на „странски држави и територии кои направиле непријателски активности во однос на Руската Федерација, руски компании и граѓани“.

Со тоа им се дозволува на руските државјани и организации, кои имаат девизни обврски кон странските кредитори од тој список, да ги подмират во руски рубљи по курсот на руската Централна банка.

Исто така, сите руски компании може да склучуваат договори со компании и државјани од овие земји само со специјално одобрение од руската владина комисија.

На списокот се Австралија, Андора, Велика Британија, сите членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Микронезија, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Македонија, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Црна Гора, Швајцарија и Јапонија.

Слични содржини