Влада: Законите за коридорите се поврзани со ЕУ

од Vladimir Zorba
224 прегледи

Владиниот Секретаријат за европски прашања има добиено писмо од ЕУ каде се уште во оваа фаза се бара писмено објаснување за проектот со „Бехтел и Енка“ зошто е направен на тој начин и како се планира понатаму да биде спроведуван, информираа од Владата денеска на брифинг за медиумите во коментар на употребата на европското знаменце на предложените законски измени за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д.

Од Владата потенцираат дека кажуваат иста причина за законите за коридорите на институциите дома или на тие надвор, односно дека овој проект се прави со специјален закон под услови кои треба да донесат брзо и ефикасно градење на патиштата по пониска цена, или по постоечките закони со кои треба да трае подолго и да се плати повеќе.

-Објаснувањето е ставено и во законот, прво дека политичката оправданост за ставање на европското знаменце го гледаме токму во вклучувањето на Коридорот 8 во трансевропските мрежи и оти целта на овој потег е да го забрзаме градењето на инфраструктурата и на патната мрежа, повикувајќи се и на кластерот Транспорт во кој процес е задолжително подобрувањето на инфаструктурата. Ова не е преседан и не се случува првпат да се стави европско знаменце, брифираат владини извори.

Како што порачуваат од Владата, без коридори, енергетска независност и без Европската унија, нема развој на државата.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски утре во Црна Гора ќе го потпише анексот на Договорот со ЕУ со којшто Коридорот 8 влегува во мрежата на главни коридори во регионот и во ЕУ. Тоа е и еден од аргументите на Владата за користењето европско знаменце за законските измени за проектот со „Бехтел и Енка“. Како што нагласуваат законите се поврзани со Европската унија бидејќи се прават коридори кои се поврзани со Унијата.

Во тој контекст, од Владата ја повторија пораката за важноста од заокружување на изградбата на коридорите 8 и 10д односно на четирите автопатски делници, што ќе ги гради Бехтел и Енка.

За проектот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ не се разговарало многу на неодамнешните средби во САД на владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, бидејќи, како што велат од Владата, станува збор за проект за кој има закон, а опозицијата прави блокади само за дневно-политички цели.

Од Владата повторуваат дека измените на петте закони се со европско знаменце бидејќи тие биле блокирани од опозицијата, а во тој процес, како што посочуваат, ВМРО-ДПМНЕ се крие зад Левица која ги поднесува амандманите.

-Законските измени ќе ја забрзаат изградбата не само на овие, туку и на други проекти од национален интерес, велат од Владата од каде сметаат дека во некоја следна фаза финансирањето на овој проект ќе се дополни со европски средства и оти ќе се вклучат европски компании.

Сигурни сме, велат од Владата, дека овие правила што ги менуваме на овој начин ќе придонесат за побрза реализација на некои европски стратешки проекти, како и за олеснување на реализацијата на финансиите со европски пари.

Слични содржини