Владата ја презема реконструкцијата на Универзална: „Мора да имаме сала каква што побараа граѓаните“

од Nikola Popovski

Се поизвесно е дека Владата ќе ја продолжи реконструкцијата на Универзелната сала, која повеќе од една година е разурната. Министерот за локална самоуправа информира дека имаат комплетна согласност од градоначалничката Данела Арсовска за Универзална сала целосно да ја преземе Министерство за култура.

Според информациите, доколку градоначалничката Арсовска одбие да ги предаде ингеренции, тогаш Владата планира овој објект да го прогласи за објект од национален интерес, па така автоматски реконструкцијата да падне во рацете на Министерството.

Поранешниот директор на Универзална сала, Филип Аврамчев во разговор за „Локално“ порачува дека секој чекор кој се води во интерес на граѓаните е чекор во вистинска насока.

Филип Аврамчев

-Впрочем задача на сите политичари е да водат разговори и да носат решенија во интерес на граѓаните. Многу е полесно да се обвинува и да се наоѓа вина во претходникот или наследникот, а да не се носат решенија. Универзална Сала како објект е врежан длабоко во колективната меморија на сите Скопјани и оттаму во интерес на сите е завршување на негова реконструкција. Мене искрено ме радува што конечно, после извесно време на препукувања, гледам позитивна комуникација помеѓу локална и централната власт околу решавање на овој сериозен проблем, вели Аврамчев.

Тој не би сакал да коментира за одредени работи за кои не е стручен, но во однос на последниот проект, неговиот личен став беше дека ја запазува формата и ликот на Универзална сала и од таа гледна точка, би сакал истиот што е можно побрзо да се реализира.

-Околу безбедноста, можам да кажам само дека вака како што зјае објектот празен, градилиште без работници во центарот на Скопје, мислам дека е многу посериозен безбедносен проблем, истакнува поранешниот директор.

Аврамчев го посочува фактот дека Универзална сала има 4 различни проекти за негова реконструкција, за кои нон стоп се дебатира, а веќе седум години е затворен за јавноста.

-Тоа се 2555 изгубени денови за голем број на културни работници. 2555 неодржани концерти, претстави, културни и забавни настани од секаков тип. Да не забораваме дека некои од помладите генерации никогаш не ни биле на некаков настан во Универзална, а тоа е жалосно. Ставот мој и тогаш како директор и сега како обичен граѓанин останува непроменет. Што побрза реконструкција на објектот и негово пуштање во употреба. Вложување на сите достапни ресурси на централната и локалната власт за враќање на срцето на културните и забавни случувања во Скопје, наведува поранешниот директор.

Поранешниот советник на град Скопје и познавач на ситуациите во градот, Васко Лазаревски во изјава за „Локално“ вели дека на Градот Скопје му недостасува повеќенаменски објект од типот на Универзална сала.

Васко Лазаревски

-Неприфатливо е во 21. век да не постои објект во кој може да се случуваат јавни настани од поголем обем и кој овозможува прифатливи просторни и технички услови за тоа да се случува. Во таа смисла, секој чекор кој ќе го забрза процесот на изградба на таков објект е за поздравување, наведува тој.

Според него, би било неразумно и недомаќински ако одново се започне со процес на проектирање.

-Ако добро се сеќавам и Асоцијација на архитекти како најреномирано еснафско здружение застана позади проектот кој веќе постои, а сметам дека луѓето таму се далеку постручни од Данела Арсовска на теми од архитектурата и градежништвото. Колку што јас знам, претходното искуство на градоналничката е во управување со салата Расадник, а не во вакви проекти, ни раскажа соговорникот.

Лазаревски лично смета дека на Скопје му е потребен современ објект, изграден по стандарди кои се валидни денес, а не во минатиот век.

-Проектот по кој започна реконструкцијата (иако процесот повеќе личи на изградување одново) се обидува да внесе посоодветни улови за сите кои ќе ја користат Универзална, но не ги задоволува потребите на градот. Знаеме дека Универзална е направена како времен објект во постземјотресно Скопје и навистина е симболичен потсетник на светската солидарност и граѓаните прилично гласно застанаа во одбрана на Универзална Сала. Гласот на граѓаните е неприскосновен и мора да се почитува, сходно на тоа ќе имаме сала каква што побараа граѓаните, порачува поранешниот советник во Советот на град Скопје.

Реконструкцијата на концертната сала започна во октомври минатата година. Со усвојување на ребалансот на Буџетот за 2020 година, Владата и парламентарното мнозинство за овој култен објект во Скопје, одвоија средства во износ од 120 милиони денари.

Н.П.

Слични содржини