Засега без став од владиниот кабинет на премиерот Христијан Мицкоски откако неговиот бугарски колега Росен Жељазков побара да се извини за вчерашната изјава насочена кон шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев. На прашање на „Локално“ до Владата дали ќе има реакција на ваквите барања, до моментот на објавување на текстот, не добивме одговор.
Претходно бугарскиот премиер во изјава за тамошните медиуми изјави:
„Колегата Мицкоски мора да најде начин да се извини, бидејќи кога шеф на влада упатува такви навреди кон член на странска влада, тоа ги нарушува добрососедските односи, исто така ја нарушува довербата, која е многу кревка во овие времиња“.
„Наративот и изразот на премиерот Христијан Мицкоски ќе им бидат оставени на познавачите на Езоп. РС Македонија мора да се придржува до консензусот постигнат во 2022 година и да ги исполни преземените обврски“, рече бугарскиот премиер. Според Жељазков, многу луѓе во Бугарија не се задоволни од постигнатиот компромис во 2022 година, но политичката зрелост бара да се спроведе она што е договорено.
Мицкоски реагирајќи на епитетот „северномакедонски премиер“, кој вчера му го даде шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, рече дека му дале задача да се задева исто како глушецот со лавот и го нарече министерот „момче“.
„Тоа момче е пратено за да привлече мое внимание и мислам дека не треба да му дадеме можност. Оставете го тоа момче таму, тоа е Влада која што во позадина друг ја раководи. Тие луѓе треба да одработат и му рекле и му дале задача – „ајде сега закачај се“. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“, одговори Мицкоски.
Георгиев во интервју за „БТВ“ се пофали дека неговата држава станала фактор во Европската Унија и во регионот, со став дека Македонија тоа треба да го има предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, тој го нарече „северномакедонски“ премиер.
Бугарското МНР реагира на реториката на македонските власти и вчерашната изјава на премиерот Мицкоски според нив е некомпатибилна со елементарни норми на дипломатскиот и политичкиот дијалог.
Македонското Министерство за надворешни работи, вчера побара од министерот за надворешни работи на Бугарија извинување поради „северномакедонски“ премиер. Беше повикан на разговор бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков при што му е предаден официјален протест.
Целата ситуација ескалира по Извештајот за Македонија во Европскиот парламент кој беше усвоен без термините македонски јазик и идентитет. Речиси сите бугарски европратеници и политичари ликуваа за ваквиот развој на настаните и го претставуваа усвојувањето на документот како победа за официјалната бугарска политика.