Владата чека зелено светло од Собрание за исплата на еднократната помош од 6.000 денари за граѓаните од четвртиот пакет мерки

335 прегледи

Ќе се исплати еднократната помош од 6.000 денари за ранливите категории на граѓани, кои не успеаа да ги добијат средствата поради неажурирани податоци или блокирани сметки, но откако Собранието ќе даде свој став по однос на оваа законска измена, информираа од Владата, пренесува МИА.

„Владата достави до Собранието измена на Законот за финансиска поддршка на ранливите категории граѓани со која се продолжува рокот на ажурирање на податоците во банките каде што имаат сметки до 31 март 2021. Законската измена ги покрива и граѓаните со блокирани сметки на кои не им беше направена исплата. Очекувањата беа дека процесот ќе заврши минатиот месец“, посочија од Владата.

Како што информираат од Владата, овие средства ќе ги добијат 2.132 граѓани, чии приговори беа прифатени, и кои не успеале во определниот рок да ги ажурираат своите податоци во банките.

„Владата на Република Северна Македонија прави се’ парите да стигнат до сите за кои се наменети. Токму затоа беа отстранети сите административни процедури. На седницата одржана на 29.12.2020 донесе и одлуката за дополнување на Одлуката за отворање посебна наменска сметка за лицата кои не ги ажурирале податоците до законски предвидениот рок и кои заради тоа не се најдоа на листата за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници“, информираат од Влада на С.Македонија.

Инаку, ова се однесува на определбите заокружени со четвртиот пакет економски мерки.

Слични содржини