Владата ги осудува нецивилизираните напади во Собранието од страна на опозицијата

од Nikola Popovski

Владата на Република Северна Македонија јавно ги осудува крајно нецивилизираните напади и навредите искажани во Собранието на Република Северна Македонија од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кон високи претставници на Европската Унија.

-Најостро го осудуваме говорот на омраза којшто деновиве опозицијата упорно го шири и се обидува да го наметне во јавноста од собраниската говорница, но и од блокадите и протестите на улица. Главната цел на овие срамни и ниски напади е да го попречат патот на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес. Позициите на Владата на Република Северна Македонија се јасни и цврсто сме решени да станеме дел од европското семејство каде што и припаѓаме, штитејќи ги националните интереси и македонскиот јазик. Затоа Владата со целиот свој капацитет ќе продолжи да работи на просперитетот на земјата и нејзино полноправно членство во Унијатa, соопштија од Владата.

Oва следува откако пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, на денешната собраниска расправа за владината Информација за францускиот предлог, алудираjќи на посетата на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека „вчера, 2022 година, ни дојдоа дома, во Парламентот, да нè стерилизираат“.

-Ќе ви прочитам еден твит – на денешен ден 1933 година, нацистите донеле закон за задолжителна стерилизација на лицата со наследни болести. Денес, односно вчера, 2022 година, ни дојдоа дома, во парламентот, да нè стерилизираат нас Македонците, рече Лозаноска.

Слични содржини