Владата ги отфрла обвинувањата на опозицијата: Со години наназад се врши јавна набавка за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани

Влада: Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума

од Nikola Popovski
29 прегледи

Во врска со најновите, како што велат, инсинуации и конструктивни лаги пласирани во јавниот простор од страна на СДСМ и Левица, Владата со најсилна индигнација ги отфрла изнесените невистини и обиди за манипулација на граѓаните. Оттаму велат дека ова претставува „уште еден доказ за безидејноста и политичката немоќ на овие партии кои наместо да понудат решенија за реалните проблеми на народот, се занимаваат со фабрикување лажни афери и деструктивни наративи“.

Дополнително, истакнуваат од Владата, фактот што политичките партии СДСМ и Левица синхронизирано коалициски манипулираат докажува дека сакаат да направат сензација од тема која е ништо повеќе од тековно работење на Владата.

Според „Илинденска бр.2“, фактите се јасни, проверливи и непобитни. Велат дека станува збор за јавна набавка која со години наназад се спроведува, разликата е што денес се спроведува во согласност со законските процедури и принципите на јавна транспарентност.

-Набавката е склучена за изнајмување и ракување со опрема за симултан превод и аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од две години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не однапред фиксирана сума. За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30.000.000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена.

Нема повеќе тајни зделки, тендери зад затворени врати и договори „во четири очи“, што беа белег на владеењето на СДСМ и ДУИ, порачаа меѓу другото од Владата во својата реакција.

Претходно дел од опозициските партии обвинија за, како што велат, скандалозен тендер, склучен од генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, каде под наводен договор за симултан превод, еден милион евра државни пари ќе се потрошат за организирање на митинзи на ВМРО-ДПМНЕ.

Левица: Нов скандал на власта – Јанушев со тендер од еден милион евра ќе ги плаќа партиските митинзи